Клиниката за Онкологија прекршила 37 закони и правилници кога набавувала лекови за болните од рак, рече Мизрахи

Рашела Мизрахи, претседателка на анкетна комисија / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Клиниката за Онкологија при своето севкупно функционирање и при набавката на биолошката терапија за пациентите, прекршила 37 закони и подзаконски акти, рече пратеничката Рашела Мизрахи на Анкетната комисија за скандалот Онкологија. Таа во обемна презентација претстави делови од извештаите на ревизорот, интерните процедури на клиниката и самите закони за здравствена заштита и јавни набавки, преку кои го претстави, како што рече „внатресистемскиот башибозук кој царувал на Клиниката со докази“.

Пратениците од СДСМ, иако на почетокот на седницата се согласија Мизрахи да ги презентира своите согледувања, кога видоа за колку обемна презентација се работи, па и дека во неа има многу критични согледувања, негодуваа и инсистираа јавноста да сфати дека станувало збор за лични согледувања на Мизрахи, а не за заклучоци од целата Анкетна комисија.

– Прекршени се 37 законски регулативи во работењето на Клиниката за онкологија. Тоа е мојот осврт, согласно документацијата доставена до Анкетната комисија, рече Мизрахи, образложувајќи во детали кои се тие процедури и закони. Меѓу нив таа посочи дека од 2018 година немало стручен колегиум, со што бил прекршен членот 112 од Законот за здравствена заштита.

Таа праша од каде дошла листата на набавени лекови, ако  потребите тргнуваат од пациентите, а немало стручен колегиум.

– Има потфрлање во планирањето и извршувањето на јавните набавки. Нема мислења од Фондот за здравство за стручните упатства. Се постапувало според пракса, а лековите субјективно ги препишувал лекарот, па тоа одело на одобрување кај директорот, што значи, субјективно се централизирала моќта и одлучувањето кој ќе добие а кој нема да добие биолошка терапија. Дали вината за протоколите е само кај директорот? Министерот за здравство мора да формира стручни комисии за разгледување на поединечните случаи за пациентите со малигни заболувања, а има и опција за телемедицински состаноци кога има пандемија со ковид и други кризи. Таа стручна комисија дискутира за третманот. Не може медицинскиот директор субјективно да одлучува, рече меѓу другото Мизрахи.

Според неа, набавката на медикаменти е правена противзаконски и рефлектира, како што рече, „крајно несовесно раководење на ФЗОМ, Клиниката и Министерството за здравство спротивно на начелото на економичност, ефикасност и ефективност“. Спомена дека линеарниот акцелератор не бил ставен во функција.

Пратеникот Антонио Милошоски ја пофали презентацијата на Мизрахи.

– Сум бил во повеќе анкетни комисии, но ова беше една од најдобро организираните презентации на една тема, каде конкретно беа наведени факти, закони, правилници, обврски и процедури што не биле испочитувани. Ако работиме на таков начин, нема да превладува субјективното мислење, туку законите и правилниците ќе ни го „нацртаат“ функционерот што има политичка одговорност. Имаме 37 прекршени процедури кои ги наведува самиот Завод за ревизија, најрелевантната институција што ни ги отвори очите. Предлагам презентацијата да им ја дадеме на новинарите, многу е корисна, предложи Милошоски, по што пратениците заминаа на едночасовна пауза на барање на пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ.

Тој за време на паузата, одржа прес-конференција на која не откри кои се неговите лични ставови или ставовите на пратеничката група на СДСМ за тоа дали има политичка одговорност за Клиниката за онкологија.

– Нема да си дозволам да зборувам во името на целата Анкетна комисија. Моите ставови се мои, но треба да донесеме заеднички заклучоци, рече тој.

Пратеникот додаде дека презентацијата од половина час на Мизрахи содржи аспекти кои не се поддржани, прифатени или изгласани, односно дека таа цитирала закони и заклучувала врз основа на лична перцепција.

– За време на анкетната комисија се потврди дека освен манипулирање со јавноста и злоупотреба на случајот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, друга намера немаат. Изнесоа невистини, манипулации и клевети со цел да внесат страв кај граѓаните, истакна Коциќ.

Тој се осврна на една од изјавите на пратеникот Антонио Милошоски, дадена на Анкетната комисија на минатата седница.

– На претходната седница пратеникот Антонио Милошоски прочита документ, одлука на Влада, за која тврдеше дека е наводна намера на Владата да дозволи да се уништи доказен материјал од Клиниката за онкологија. Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го добивме документот и сакаме да ви кажеме за каква одлука се работи. Тоа е документ со кој се бара фирма да уништи два болнички кревета со вредност од нула денари, шест столици со вредност од 0 денари и три медицински апарати исто така со вредност од нула денари. До кога со невистини и лаги ќе се злоупотребува овој случај само во политички цели, без интерес за правдата и за сензитивноста на случајот и за правата на пациентите, праша Коциќ.

Според него, единствената цел на ВМРО-ДПМНЕ е политичка пресметка со СДСМ и оцрнување на екс-министерот за здравство, доктор Венко Филипче.

– А токму пациентите кои сведочеа на Анкетната комисија, изрично кажааа дека за првпат на Онкологија биолошка терапија е набавена додека Филипче бил министер. Додека бил министер не недостасувал ниту еден лек за ниту еден пациент. Син на покојна пациентка од Онкологија, на Анкетната комисија тврдеше дека во 2015 година од доктори на самата клиника му било сугерирано да не ги прима лековите и да ги купува во странство, поради неквалитет. Тука ќе видите кој како влијаел врз правото на живот на пациентите. Го повикуваме Основното јавно обвинителство да ги разреши сите дилеми за овој случај и оној што се дрзнал терапијата набавена со народни пари да ја злоупотреби, да одговара пред законот. Бараме да престане злоупотребата на овој случај и да донесеме заеднички заклучоци. Ние не сме ни судии ни обвинители, нашата работа е да утврдиме дали има политичка одговорност кај некој фактор, истакна Коциќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот