Фото: Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, фото Мирослава Симоновска

Клековски: Вкупно 417 илјади луѓе во Македонија не плаќаат здравствено осигурување

Во најавите за 2026 година и рекапитуларот за тоа што е направено во 2025 година директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски спомена дека 417 илјади луѓе се водат како лица кои не плаќаат здравствено осигурување во Макеоднија. Но, Фондот се сомнева дека дел од нив го злоупотребуваат здравственото осигурување и се занимаваат со сива економија или дека живеат во странство.

-Имаме извештај и се координираме со други институции за да ги вкрстиме базите на податоци и да воведеме критериуми со кои ќе се намали бројот на осигуреници по оваа основа. Ако луѓето остваруваат приходи не треба да се осигурани по овој основ туку треба да плаќаат здравствено осигурување. Масата од 417 илјади осигуреници што не плаќаат осигурување е веројатно многу поголема од реалната база луѓе кои се без работа и кои немаат приход, рече Клековски.

Во јануари Фондот ќе презентира и анализа за долгите боледувања во Министерството за внатрешни работи каде биле утврдени недостатоци на сите нивоа. Вкупно 100 луѓе во полицијата користат такви долги боледувања.

-Тие боледувања (за сите институции н.з) се околу 22 милиони евра годишно и ќе мора сериозно да се нафатиме. Не за да му скратиме на некој, туку зашто треба да има средства за тие што треба да бидат на боледување, рече Клековски. 

Првиот човек на Фондот зборуваше за тоа дека ин-витро обидите кои ги покрива ФЗОМ се зголемени од 3 на 6 обиди со целосно дигитализиран процес. Во 2026 можно е да се воведе генетски скрининг на ембрионите.

Од приватните установи што даваат услуги за дијализа, од ФЗОМ ќе бараат да им испраќаат и показатели за квалитетот на дијализата.

На Инфективната клиника 3 пати не успеале да спроведат оглас за јавна набавка за лекови за „хепатитис ц“, па сега им ги трошат резервите на болните од Клиниката за гастроентерохепатологија.

Во 2025 година платата на медицинска сестра на Клинички центар достигна 60 илјади денари. Во 2026 Клековски  најави почести контроли за двојната наплата на услуги поточно оние здравствени услуги што лекарите и ординациите немаат право да им ги фактурираат на пациентите а сепак тоа го прават. Така освен што добиваат пари од ФЗОМ, добиваат и од пациентите. Буџетот на ФЗОМ за 2026 година ќе се зголеми за 2,5  проценти.

Фондот за здравство во 2026 година сака да се намали употребата на антибиотици и анксиолитици зашто матичните лекари треба да се придржуваат ригорозно и да не ги надминуваат квотите за препишување на овие лекови. Директорот на ФЗОМ Сашо Клековски појаснува дека само за овие две групи лекови има ограничувања за препишувањето.

-Предвидуваме електронски рецепт (е-рецепт) што треба да обезбеди позадинска контрола на индикациите и дозирањето бидејќи имаме загуба и во несоодветното препишување ама и во издавање поголеми количини од што се неопходни. Е-рецепт требаше да биде спроведен, ама треба да се обезбедат уште два правилника од Министерството за здравство. Тестиран е електронскиот рецепт кај матичниот лекар и во аптеките и очекуваме во 2026 да стартува, изјави директорот на ФЗОМ Клековски.

Според него, електронскиот рецепт ќе ги заштити и докторите од притисоците од граѓаните да им препишат лек кој можеби не е соодветен за нивната состојба.

Најкритична е употребата на антибиотикот „сумамед“ тврди Клековски.

-Тоа е антибиотик за последна линија на одбрана а минатата година имавме 23 процентно зголемување во издавањето на овој лек, вели тој.

Јавните здравствени установи после 10 години ќе наплаќаат од ФЗОМ повисоки цени за основен специјалистички пакет и за интернистичкиот пакет. Специјалистички преглед досега беше 380 денари и ќе порасне на 720 денари. Ова за граѓаните ќе значи зголемување на партиципацијата за околу 10-20 денари.

Во 2026 година од Фондот планираат фокусот со проширувањето на позитивната листа на лекови да го стават на кардиоваскуларните болести.

-Наша проценка е дека е потценета оваа група, каде заболувањето и смртноста се највисоки. Се извинувам на граѓаните, зашто најавивме дека 2 антикоагуланси ќе бидат на позитивната листа во декември, ама поради технички проблеми тоа се одлага за јануари 2026. Нема да има последици за тие што месецов ги користат антикоагулансите, зашто ќе им бидат рефундирани средствата. Потоа планираме да вметнеме таблетарен антикоагуланс на позитивната листа до април 2026. Комисијата за позитивна листа има веќе одобрено некои лекови ама сакаме да ги видиме финансиските можности и воведувањето на позитивната листа да се одвива постепено во 2026 година, најави Клековски. 

Директорот на ФЗОМ вели дека неделава две медицински сестри преминале од приватни во јавни здравствени установи. Буџетот за онкологија треба да се троши и на рана дијагностика, вели директорот на Фондот.

-Прашање е на колку места во источна Македонија колоноскопија во јавното здравство, а таа е неопходна за откривање на рак на дебело црево, посочува првиот човек на Фондот. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот