Ќе удри ли некаде тупаницата на Тупанчевски?

Диана Младеновска

Наместо да изнајде решенија за подобрување на состојбите во правосудството, на министерот за правда пред нос му се случуваат не само афери со криење предмети во фиоки, туку и оставки и чудни избори во обвинителствата и судските органи. А тој, без око да му трепне, изјавува дека „се наоѓаме на вистинската траекторија…“

Додека којзнае кој по ред министер за правда го реформира правосудниот систем и го промовира методот на „хемофилтрација“ од нестручност, непрофесионализам, непотизам, односно чистење од партиски, корпорациски и други влијанија и интереси, безброј постапки чекаат разврска, а нивното бавно процесирање ја релативизира одговорноста на главните актери во аферите. До неподносливост! Особено кога станува збор за судските предмети што произлегоа од големите човечки трагедии, каков што е тој за автобуската несреќа кај Ласкарци во која пред повеќе од три години загинаа 16, а десетици беа повредени. Некои од нив и со трајни последици.

Нерешените предмети без човечки жртви, но со длабока криминална и коруптивна заднина на највисоко ниво веќе не се ни бројат. За нив, само навидум се форсира некаква динамика во решавањето, иако постапките изобилуваат со небулози до таа мера што јавноста не може да им се изначуди, а камоли да ги анализира и за нив да донесе сопствен суд. Доволно е само да се споменат случаите на Даравелски, Мијалков, Камчев, Митрев, Зекири, Рашковски…

Се менуваат гарнитурите на и околу власта, постојано се зборува за реформи, но за некои нешта никако да се најде излез од правосудните лавиринти. Веројатно ќе треба поголема временска дистанца за да се разбере таквата политичка реалност и да се дефинира она што веќе подолг период се случува во земјава.
И покрај најсериозните укажувања дека проблемите во правосудството и високото ниво на корупцијата се во директна причинско-последична врска, некаква сериозност во пристапот, со цел излез од лавиринтот, не се ни наѕира.

Можеби проблемот е во тоа што најповиканите во моментов немаат капацитет прво да ги воочат и да ги препознаат, а потоа и да ги елиминираат слабостите кои се длабоко вкоренети во правосудниот систем. Можеби, пак, проблемот е и во тоа што не сакаат ништо да сторат, зашто таквата ситуација им одговара. Премногу очебијни се нештата за и понатаму наивно да се верува оти проблемот е само во незнаењето и во неспособноста.
Како поинаку да се објасни фактот што додека еден од врвните правни експерти во земјава, човек без никакви хипотеки од минатото и неспорен авторитет во својата област, Никола Тупанчевски, иако веќе една година е министер за правда, наместо да изнајде решенија за подобрување на состојбите во правосудството, пред нос му се случуваат не само афери со криење предмети во фиоки, туку и оставки и чудни избори во обвинителствата и судските органи. А тој, без око да му трепне, изјавува дека „се наоѓаме на вистинската траекторија…“

Не, министре! Траекторијата по која се движиме, најблаго речено, е далеку од вистинската. Ако сакаме да бидеме искрени, таа е самоуништувачка. Обидот да ја смирите јавноста со промовирање реформи без сериозно и стручно да се преиспитаат ефектите од досегашните, само го забрзува падот кон бездната.
Министерот за правда Тупанчевски сè уште има шанса да удри со тупаница на масата, да покаже решителност во намерата конечно да се случи нешто позитивно и да го сопре падот на рејтингот на правосудството на фрапантните четири отсто доверба кај граѓаните. Зашто, подолу од тоа е – апсолутната нула!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот