Ќе пропаднат најмалку 40 нови предмети во ЈО против осум градоначалници, пет судии, три ексминистри…

Основно јано обвинителство/ фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ќе пропаднат најмалку 40 нови предмети против актуелни и поранешни функционери за злоупотреби при јавните набавки што Основното јавно обвинитество за гонење на организиран криминал и корупција ги води согласно став 5 од член 353 од Кривичниот законик, кој минатата недела беше укинат при изненадните и експресно усвоени итни законски измени, донесени со европско знаменце!

Од Јавното обвинителство велат дека не се во можност да ги коментираат или да изнесуваат ставови за законските измени, туку откако законските решенија ќе стапат на сила ЈО има обврска доследно да ги применува.

Во текот на 2022 година за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се заведени вкупно 40 предмети против 107 лица и тоа против осум актуелни и поранешни градоначалници, 29 административни службеници, пет судии, еден стечаен управник, еден адвокат, 11 раководни лица, тројца поранешни министри, четворица поранешни функционери и 47 други лица, како и две правни лица – велат од Јавното обвинителство за „Слободен печат“.

Слободен печат“ го праша ЈО колку истражни постапки лани и оваа година воделе врз основа на укинатите членови од КЗ за делата злуопотреба на службената должност и злосторничко здружување, дали со овие измени на КЗ се фрла трудот на обвинителите кои работеле на овие предмети и што ќе стане со нив на денот кога измените ќе стапат на сила.

Со измените на Кривичниот законик став 5 од член 353 повеќе не постои и засега не е познато на кој начин понатаму ќе се гонат злоупоребите при јавни набавки затоа што за укинатиот став 5 нема нов став кој е негова директна замена. Според досегашните објаснувања, обвинителите ќе бараат други членови низ законот врз основа на кои ќе ги гонат службените лица што вршат злоупотреби при јавните набавки.

Укинатиот став 5 предвидуваше дека ако злуопотребата на службената должност е сторена при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Од Обвинителство известија и за следните детаљи:

Воедно, во уписник КО се заведени 12 предмети против 57 лица кои покрај едно или повеќе други кривични дела се пријавени и за кривичното дело – Злосторничко здружување. Другите дела се: Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори (чл. 215 од КЗ), Измама (чл. 247 од КЗ), Прикривање (чл. 261 од КЗ), Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости (чл. 264 од КЗ), Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости (чл. 265 од КЗ), Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости (чл. 266 од КЗ), Перење пари и други приноси од казниво дело (чл. 273 од КЗ), Фалсификување или уништување деловни книги (чл. 280 од КЗ), Злоупотреба на службената положба и овластување (чл. 353 од КЗ), Несовесно работење во службата (чл. 353-в од КЗ) Давање награда за противзаконито влијание (чл. 358-а од КЗ), Примање награда за противзаконито влијание (чл. 359 од КЗ) и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи (чл. 396 од КЗ). Два предмети се презаведени од Уписникот РО во КО и тоа еден од 2021 година против едно лице и еден од 2022 година против седум лица – информираа од Обвинителството.

Во својата работа Основните јавни обвинителства водат повеќе видови уписници. Во уписник КО се заведуваат пријавите против познати извршители на кривични дела и се евидентира текот на кривичната постапка, во уписник КОИМ се заведуваат предметите по кои обвинителството презема посебни истражни мерки, во уписниок КОН се заведуваат пријавите против непознати извршители на кривични дела, а во уписник РО се заведуваат разни други кривични предмети, поднесените претставки, а се евидентираат и активностите на основните јавни обвинителства во постапување во граѓанската материја.

Во РО уписникот се забележани 15 предмети – 10 кривични пријави, две известувања, две претставки и еден поднесок во кои како едно од пријавените дела се наоѓа кривичното дело Злосторничко здружување (чл. 353 од КЗ). Во предметите се пријавени 46 идентификувани лица, три правни лица и други НН лица. Пријавите освен за злосторничко здружување се однесуваат и на две и повеќе други кривични дела. Пријавените можни кривични дела покрај Злосторничкото здружување се Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори (чл. 215 од КЗ), Затајување (чл. 239 од КЗ), Послужување (чл. 240 од КЗ), Бесправно градење (чл. 244-а од КЗ), Измама (чл. 247 од КЗ), Компјутерска измама (чл. 251 од КЗ), Предизвикување стечај со несовесно работење (чл. 255 од КЗ), Перење пари и други приноси од казниво дело (чл. 273 од КЗ), Даночно затајување (чл. 279 од КЗ), Даночна измама (чл. 279а од КЗ), Предизвикување опасност при градежни работи (чл. 289 од КЗ), Злоупотреба на службената положба и овластување (чл. 353 од КЗ), Несовесно работење во службата (чл. 353-в од КЗ), Неизвршување на судска одлука (чл. 377 од КЗ), Фалсификување исправа (чл. 378 од КЗ), Употреба на исправа со невистинита содржина (чл. 380 од КЗ), Насилство (чл. 386 од КЗ), Лажно претставување (чл. 391 од КЗ), Самовластие (чл. 392 од КЗ) – објаснуваат од Јавното обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот