Ќе го заглави ли Јовески доекипирањето на Уставниот суд?

Љубомир Јовевски / Фото: МИА

Нема одговор ни кога ќе продолжи комисиската расправа за изборот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за уставен судија, особено по отворената кавга помеѓу вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и обвинителот, ниту дали Собранието ја почна постапката за избор на уште еден уставен судија на предлог на Комисија за избори и именувања.

Тешко дека Уставниот суд ќе се доекипира со уште тројца судии до крајот на годинава и наместо со шест, да работи во полн состав од девет судии, бидејќи ниту Судскиот совет ниту Собранието не прецизираат кога ќе ги почнат постапките за предлози за нови судии.

Минатата недела истече мандатот на судијката Вангелина Маркудова, а Судот повторно апелираше да се забрза изборот на новите судии. Нема одговор ни кога ќе продолжи комисиската расправа за изборот на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за уставен судија, особено по отворената кавга помеѓу вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и обвинителот, ниту дали Собранието ја почна постапката за избор на уште еден уставен судија на предлог на Комисија за избори и именувања.

– Судскиот совет постојано ги промовира заложбите за независно и непристрасно судство, кое ќе биде објективно и одговорно при носењето одлуки. Ве известуваме дека на некоја од наредните седници, Судскиот совет ќе дискутира за сите предлози кои ќе бидат истакнати од страна на кој било член на Советот. При истакнувањето на предлозите ќе се бара детална анализа и образложение за основаноста на предлогот за да може предлогот за уставен судија на Судскиот совет да биде судија кој со своето знаење, совесност и интегритет ќе дава придонес во работата на Уставниот суд – велат за „Слободен печат“ од Судскиот совет на прашањето наше упатено до нив зашто сè уште не е испратен предлог до Собранието за уставен судија.

Судскиот совет два месеца пред истекот на мандатот на уставен судија треба да испрати предлог за избор на нов судија што значи дека уште во старт предлогот за нов уставен судија доцни два месеца.
По шпекулациите дека во Судскиот совет има несогласувања и влијанија кој да го пополни столчето во Уставен и дека затоа се чека на нивниот предлог, оттаму уверуваат дека ќе ја донесат одлуката без какви било влијанија. Наводно се лобира за нова уставна судијка да биде предложена Славица Андреева.

И претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања Марија Георгиевска не прецизира кога ќе продолжи седницата за предлогот Јовески да биде нов уставен судија. Таа повтори дека во Собранието сега приоритет е донесување на државниот буџет за 2023 година. Сепак, и покрај комисиската расправа за буџетот, во Собранието заседаваат и други комисии.

Георгиевска не одговори дали се планира повлекување на предлогот Јовески да биде уставен судија. Незадоволство од неговата работа како државен обвинител упати Грковска, но и истакнати правници. Изборот на Јовески за уставен судија повеќе месеци е заглавен во Комисијата, а пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати порача дека нема да дозволат Јовески да го дополни Уставниот суд.
Јовески не ѝ остана должен на Грковска и ѝ порача дека нема потреба од нејзиното министерство, а парите што ги троши за конференции со занемарлив ефект да се пренаменат во битката со корупцијата. Тој, пак, во обраќањето до Грковска не навести дека самиот би се повлекол од предлогот да стане уставен судија.

Судскиот совет нема ништо против ветинг на судиите и на членовите на Советот

Во врска со пристигнувањето на американски тим на истражители во земјава, Судскиот совет вели дека не им пречи секаков вид соработка за побрзо детектирање на корупцијата.

– Во однос на тимот истражители од САД, укажуваме дека нам не ни пречи секаков вид соработка што ќе помогне за поцелосно и побрзо детектирање на корупцијата, а во согласност со тоа и преземање поефикасни мерки – велат од СС.

За најавата за ветинг од СС велат дека немаат доволно информации на кој начин е замислен, но дека ја потврдуваат заложбата на СС за секаков вид проверка на судиите, како и на членовите на Судскиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот