Ќе бидеме црква или „распашана команда“?!
Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар упати остра критика кон владиката Пимен, нагласувајќи дека проблемот не е личен, туку канонски. Тој порача дека во црквата мора да има ред, дисциплина и еднаква одговорност за сите архиереи.
Продадени цркви и станови за милиони долари, црковни имоти што не се префрлени на МПЦ-ОА, асоцијации што, според митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, функционираат надвор од црковниот поредок, но и нерешени статуси на поранешни монаси и монахињи. Ова се дел од најсериозните забелешки што владиката ги изнесе во „Попкаст со Мартин Богатиноски“.
Препорачано
Најостар беше за состојбите во Австралија. Според него, таму проблемот е во тоа што дел од луѓето сакаат црковните имоти да останат под нивна контрола преку инкорпорирани асоцијации, без да ја признаваат ерархијата на црквата.
– Во Австралија проблемот е што одредени луѓе сакаат имотите да бидат под нивна контрола преку инкорпорирани асоцијации. Тие велат дека се верници, но не ја признаваат ерархијата на црквата. Имотите не се ниту на владиката, ниту на верниците како поединци. Имотите се Божји и служат за мисијата на црквата – рече митрополитот Петар.
Тој тврди дека таму биле продадени цркви и станови, но дека нема отчет каде завршиле парите.
– Продадени се цркви и станови за милиони долари, а никој не знае каде се парите. Тоа е чист бизнис, а не вера – изјави митрополитот преспанско-пелагониски.
Имотите на ПОА како отворено прашање
Митрополитот Петар остро реагираше и за имотите што ги користела ПОА пред интеграцијата во МПЦ-ОА. Тој вели дека црквата покажала дарежливост со тоа што од неговата епархија биле издвоени Крушево, Демир Хисар и Кривогаштани за формирање на Крушевско-демирхисарската епархија за митрополитот Јован.
Но, имотите, според него, сè уште не се префрлени на МПЦ-ОА.
– Имотите што ги користеа додека беа во ПОА сѐ уште не се префрлени на МПЦ-ОА. Тоа за мене е мајтапење. Не дозволувам некој да се мајтапи до таа мера дека не можат тие работи да се решат. Нека ги префрлат тие имоти и сè ќе биде во ред – рече владиката Петар.
Тој предупредува дека ако имотите не се во состав на МПЦ-ОА, туку се водат на асоцијации или компании, тогаш станува збор за „парацрковна организација“.
Подолги синодски седници
Митрополитот Петар најави дека на синодската седница закажана за 26 мај ќе предложи тие да траат неколку дена, а не само неколку часа. Причината, според него, е што во црквата има наталожени прашања што не може да се решаваат површно и набрзина.
Еден од проблемите на кои укажува е слабото функционирање на Црковниот суд. Тој смета дека токму поради тоа со години остануваат нерешени статусите на луѓе кои ја напуштиле црквата, ја соблекле мантијата, се омажиле или се ожениле, а во црковните книги сè уште се водат како монаси или монахињи.
Според него, има и случаи на поранешни монаси кои и натаму се водат со црковни чинови, меѓу нив и архимандрити, иако веќе не живеат монашки живот.
Таквата состојба, според владиката Петар, покажува дека црковните институции мора да профункционираат посериозно, особено кога станува збор за дисциплината, статусот на свештените и монашките лица и почитувањето на канонскиот ред.
„Папа во православието“
Митрополитот Петар има јасна резерва кон пристапот на Цариградската патријаршија. Според него, во православието важи принципот „прв меѓу еднаквите“, а не модел во кој еден центар би бил поставен над другите православни цркви.
– Првиот е еднаков со останатите – тоа е канонскиот принцип. Но сега се создава некое ново учење кое гласи „прв без еднакви“. А тогаш тоа е веќе папа во православието, ако вие ги потценувате и потчинувате другите архиереи и другите цркви – рече митрополитот Петар.
Тој оцени дека таквата поставеност е „катастрофална за православието“ и дека МПЦ-ОА треба да има автокефалност без мешање во внатрешните работи.
– Ние сакаме автокефалност во целосна смисла на зборот, без мешање во нашите внатрешни работи – рече владиката.
Остра порака до Пимен
Митрополитот Петар тврди дека нема личен проблем со владиката Пимен, но има сериозна забелешка за почитувањето на канонскиот ред. Според него, црквата не може да функционира без дисциплина и без јасна одговорност.
– Немам јас ништо лично против владиката Пимен. Но имам против прекршувањето на каноните. Не може да се служи со расчинети свештеници или со оние кои не го почитуваат црковниот ред – рече митрополитот Петар.
Потоа испрати директна порака:
– Дали ќе бидеме црква или ‘распашана команда’? Мора да има дисциплина. Ако јас како митрополит згрешам, треба да бидам казнет. Истото важи за сите“- изјави владиката.


