Кинотеката ја објави субјективната автобиографија „Мојот последен здив“ од Луис Буњуел

Промоцијата се одржа на 29 март во Кинотеката

Најново печатено издание на Кинотеката на Република Северна Македонија е автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело, конечно, стана достапно на македонски јазик.

Издавањето на книгата е овозможено благодарение на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.

Станува збор за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната, „француска“ етапа во кариерата.

Промоцијата на книгата се одржа на 29 март во Кинотеката, а промотори беа историчарот на уметност и заменик-амбасадор во Шпанската амбасада во Скопје – Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Еуропа Прима“, кој воедно е автор на предговорот.

Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик во Париз, во 1982 г., нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина, како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 г., или генерацијата на надреалистите во Париз, неколку години подоцна, или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна.

– Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега, речиси, преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа постојано се испреплетуваат животот и филмот – пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.

Заменик-амбасадорот дел Кампо на промоцијата зборуваше за процесот низ кој книгата е објавена на македонски јазик, а го дефинираше и местото на Буњуел во шпанската кинематографија, кој ја прикажал Шпанија растргната помеѓу традицијата и револуцијата, идеолошките поделби, граѓанската војна, реализмот и надреализмот.

Професорот Џепароски посочи дека станува збор за субјективна автобиографија, бидејќи е базирана на сеќавања, и зборуваше за својот личен однос кон творештвото на Буњуел, но ја дефинираше и естетската, идеолошката и филозофската позиција на славниот режисер во светската уметност.

Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 173, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот