Кина возвраќа на обвинувањата на НАТО за поддршката на Русија

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји возврати на „неоснованите обвинувања“ на НАТО дека Пекинг и помага на Русија во нејзината војна против Украина.

Тој, исто така, ја предупреди западната алијанса да не предизвикува конфронтација, пренесува „BBC“.

Коментарите на Ванг Ји, дадени во разговор со неговиот холандски колега, дојдоа неколку часа откако лидерите на земјите-членки на НАТО се собраа во Вашингтон и издадоа декларација во која се споменува војната.

Тие ја обвинија Кина дека е „одлучувачки овозможувач“ на Русија преку нејзината „голема поддршка за руската одбранбена индустриска база“, во некои од нивните најстроги забелешки досега за Пекинг.

Тие ја повикаа Кина да престане со „секаква материјална и политичка поддршка“ за воените напори на Русија, како што е снабдувањето со материјали за двојна употреба, кои се предмети што можат да се користат и за цивилни и за воени цели.

Западните држави претходно го обвинија Пекинг за пренесување на беспилотни и ракетни технологии и сателитски снимки во Москва. САД проценуваат дека околу 70% од машинските алати и 90% од микроелектрониката што Русија ја увезува сега доаѓа од Кина.

Пекинг беше обвинет и за „злонамерни сајбер и хибридни активности, вклучително и дезинформации“ за државите на НАТО.

„Кина треба да разбере дека ако ја снабдува Русија со информации и капацитети, работи со Северна Кореја и други за да и помогне на Русија и нивното вооружување, дека нема да имаат економска корист како последица од тоа“, порача американскиот претседател Џо Бајден на пресконференција во четвртокот.

Посочувајќи дека Русија барала оружје од Кина и Северна Кореја, тој додаде дека државите на НАТО гледаат на нова политика за претворање на Запад во „индустриска база“ за муниција и за развој на нови системи за оружје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот