Градежен работник на скеле / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Кеш за бетон, институциите го затегаат обрачот околу градежниот сектор

Пред пандемијата, во 2019 година, соодносот на купување на станови и објекти за живеење бил 65 отсто на кредит, а остатокот во готово, последните информации навестуваат дека односот е 50-50

Институциите го затегаат обрачот околу градежниот сектор. Откако со години се отфрлаше секоја информација дека има простор за намалување на цените на становите, кои во главниот град, па дури и во туристичкиот Охрид, во некои случаи надминуваат 4.000 евра за квадрат, на површина испливаа и загрижувачките информации дека голем дел е купен во кеш.

Гувернерот Трајко Славески во неколку наврати излезе со податоци дека ако пред пандемијата во 2019 година, соодносот на купување на станови и објекти за живеење бил поповолен во однос на кредитирањето, односно 65 отсто се купувале на кредит, а остатокот од 35 отсто во готово, неговите последни информации навестуваат дека односот е 50-50.

-Се разбира дека е вредно да се погледне од каде е изворот на тие средства. Ние не можеме да шпекулираме, најверојатно има и од заштеди. Понатаму, општо е познато дека еден добар дел од млада популација, особено оние во лукративни дејности од ИТ технологиите кои работат за странски нарачатели ги добиваат приливите на сметки кои се во странство па од таму подигаат готовина која ја внесуваат во Македонија. За други извори на средства останува други надлежни органи тоа да го утврдат – рече Славески во едно неодамнешно интервју.

Според Славески, она на што НБРСМ може да влијае преку монетарно-кредитната политика е во однос на кредитирање.

-Кога сме кај кредитирањето, тоа не е само кредитирањето на купувачите туку секако треба да се погледне кредитирањето и на изведувачите во станбениот бизнис. Сето останато, дел е сигурно и во сивата економија, затоа што има индикации и дека набавката и на градежни материјали, исплата на надоместоци односно плати на вработените понекогаш се врши во готовина, но останува други институции ова да го утврдат, тука е финансиската полиција, Министерството за финансии коишто заедно со Народна банка се обврзани да вложат максимум ресурси во однос на спречувањето на перење пари – објасни Славески во интервју за емисијата „Трилинг“.

Од Управата за финансиската полиција, посочија дека и во минатото, како и во текот на последниот период, водела и води конкретни предмети во кои се истражуваат правни и физички лица поврзани со градежниот сектор.

-Управата за финансиската полиција како дел од правосудната полиција по службена должност или по наредба на јавниот обвинител презема мерки и активности за откривање и криминалистичко истражување на кривични дела, спречување на натамошни последици на кривични дела, фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази и други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка.

Во своето работење, УФП и во минатото, како и во текот на последниот период, водела и води конкретни предмети во кои се истражуваат правни и физички лица поврзани со градежниот сектор, особено во случаи каде постојат индиции за нелегално стекнати средства и нивно вложување преку формално легални бизниси. Управата, континуирано ги следи трендовите и ризиците поврзани со перење пари и финансирање на криминални активности, вклучително и ризиците кои се идентификувани во градежниот сектор.

Во таа насока Управата постојано соработува и е во координација со други надлежни институции и постапува по доставените пријави, како и по доставените извештаи од страна на Управата за финансиско разузнавање како надлежен орган за прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари, секогаш кога постојат основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари. Управата останува посветена на борбата против финансискиот криминал и ќе продолжи со откривање и спречување на злоупотреби во сите сектори, вклучително и во градежништвото – велат за „Слободен печат од Управата за финансиска полиција.

Пред некој ден и Управата за јавни приходи најави дека почнува да спроведува даночни контроли кај градежниците за продажбата на објекти по истекот на пет години од нивната изградба, а ќе се контролираат и договорите со нереално ниска продажна вредност, непријавените вработувања и ангажмани, значителните разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба и друго.

-Согласно „Планот за подобрување на усогласеноста во градежниот сектор“ усвоен во јануари 2025 година, а според направените анализи, овој сектор е идентификуван како високоризичен од аспект на даночна дисциплина, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово – наведоа од Управата за јавни приходи.

Според податоците на Народната банка од вториот квартал, цените на становите во изминатите 12 месеци се зголемени за дури 22,3 проценти. Во споредба со 2021 година, според податоците на Народната банка, за четири години, квадратот поскапел за дури 75 проценти. Пописот од 2021 година покажа дека во Скопје има скоро 60 илјади празни станови – во Центар -11 илјади, односно 40 проценти од вкупниот број, во Карпош над 10 илјади, во Аеродром 8.500, во Кисела Вода над 7.600, а од тогаш дополнително се изградени уште неколку илјади нови. Само во мај оваа година, издадени се дури 469 одобренија за градење, што е зголемување од 80,4 проценти во однос на истиот месец лани. Најмногу одобренија – 146 – се издадени во Полошкиот регион, а Скопскиот регион, кој одамна се гуши во бетон и сообраќаен метеж, е веднаш зад него со 86 дозволи.

Во извештајниот месец се планира изградба на 1.037 станови со вкупна површина од над 90 илјади квадратни метри. Најмногу во Скопје (441) и Тетово (295).

Завршија превентивните мерки поради високите температури

Превентивните мерки поради високите температури кои траеја од 12 до 14 август завршија, а тиа меѓудругото ги задолжија работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Претходно на најтоплиот ден 26 јули, трудовите инспектори извршија вкупно 113 инспекциски надзори и тоа 100 вонредни надзори и 13 контролни надзори во дејностите каде работниците се изложени на неповолни микроклиматски услови, односно директна изложеност на високи температури на отворено или каде во текот на работењето се изложени на топлинско зрачење.

При извршување на вонредните инспекциски надзори на работодавачите им се изречени вкупно 13 инспекциски мерки односно издадени се 10 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран, издадени се 2 решенија за забрана за работа за утврдено непочитување на препораките односно затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот, издаден е 1 прекршочен платен налог на физичко лице за неносење на лична заштитна опрема и издадено е 1 решение со наредба за ослободување од работни обврски на работници над 60 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот