Ќе се откаже ли ВМРО-ДПМНЕ од изборите во Штип?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Се ближи денот кога заинтересираните партии ќе мора да предложат свои кандидати за испразнетото место за изборите на градоначалник на Штип. Како што е познато, овие избори се важен (иако ограничен) контролен тест за актуелниот политички рејтинг на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Но, важноста на локалните избори во Штип е особено голема за опозицијата. Сегашното расклатено раководство, делегитимирано од низа изборни порази како резултат на своите погрешни политики, на власт во партијата се одржува со големата тврдоглавост и инаетот на нивниот претседател Мицкоски и „дијамантскиот“ круг истомисленици околу него. Изгубат ли и на овие избори, заминувањето на Мицкоски од челото на партијата станува, практично, многу извесно.

За вмровски поимања, Штип би требало да е еден од нивните посилни партиски бастиони, град во кој сегашната опозиција има „идеални“ предуслови за изборен натпревар. Општината, официјално, брои нешто помалку од 48.000 жители, од кои близу 90% се етнички Македонци и приближно толку од православна вероисповед – доколку изгубат на овие предвремени локални избори, ВМРО-ДПМНЕ нема да може да се правда со својот стандарден националистички наратив, дека етничките Македонци гласале за нив, ама ги победила мултиетничка граѓанска коалиција на СДСМ!

Во Штип и сега владеењето на СДСМ е со „тесна“ разлика од само едно столче повеќе (12:11) во Општинскиот совет, а во „штипската“ Изборна единица 3, СДСМ редовно си ги губи парламентарните избори со (кога не се краде премногу) некоја илјадарка освоени гласови помалку од конкурентската ВМРО-ДПМНЕ. Додуша, при последните избори годинава на општинските гласачки места СДСМ однесе победа над ВМРО-ДПМНЕ со разлика од само неколку десетици гласови, но за тоа се повеќе заслужни/виновни партиите поблиски кон ВМРО (Левица, на пример) кои „откинаа“ неколку илјади десничарски гласови во своја полза.

Дополнително, СДСМ е доволно време на власт за потребите на изборната проверка на нивниот владејачки локален, па и државен рејтинг. Актуелните настани не им одат во нивна полза: состојбата со епидемијата и целата општествена криза што ја придружува оваа глобална пошаст не е изборна препорака за ниту една власт моментно во Европа; а и темата која не е строго „локална“ – интеграциите во ЕУ – заради преговорите со Бугарија, се соочува со ефективна блокада на македонскиот пат кон Унијата.

Ако се гледа од секојдневната, накривена од жестоки прес-конференции, партиска говорница на ВМРО-ДПМНЕ, за нив изборната победа во Штип би требала да биде убедлива.

Која е, тогаш, стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за видот и квалитетот на градоначалничкиот кандидат за изборната трка во Штип? Особено по одбивањето на понудата (од разбирливи семејни причини) од страна на Илчо Захариев повторно да се кандидира на локалниот тикет на неговата партија?

Можно е нивната стратегија да се сведе на тоа – да немаат свој кандидат!

Оправдувањата се веќе подготвени: епидемијата ќе го загрози гласачкиот процес, излезноста ќе биде мала, а здравствениот ризик за гласачите голем. Плус, нели, „теророт“ на „режимот на Заев“!

Секој може да си донесе проценка за искреноста, оправданоста или лицемерието на ваквите ескиважи.

Но, едно е сигурно: за да се одржи на власт во партијата, за Мицкоски е подобро да не излезе на избори, отколку да ги изгуби. Стравот што тоа „лозје“ го чува не му е за потценување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот