Лиридона Вејсели, новинарка
Лиридона Вејсели, новинарка

Казнетата новинарка Вејсели: Во Тетово и Гостивар новинарите не се добредојдени во судовите

Новинарката Љиридона Вејсели поднесе жалба до Апелацискиот суд на пресудата со која е казнета со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, откако во новинарски текст го објавила името на судија од Основниот суд Тетово.

„Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите“, изјави Вејсели за МИА.

Вејсели посочува дека повеќе од 12 години работи како новинарка, најмногу во истражувачко новинарство, шест години го уредува порталот paCensure на албански јазик и девет години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово. Таа е казнета со првостепена пресуда донесена од судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд Гостивар.

ЗНM: Кривичното гонење на новинари за објавување име на судија, го зголемува притисокот врз новинарството

Според образложението на пресудата, Вејсели на 28 октомври 2024 година, без согласност на судијата Иљази, на социјалните мрежи ТикТок и Инстаграм објавила видеа во кои го користела неговото име и презиме, со што, според судот, му била нарушена честа и угледот во професионалната дејност.

Новинарката вели дека во конкретниот случај известувала за кривично дело во кое возрасно лице испраќало порнографски содржини и закани на малолетничка. „Јас само информирав дека судијата Назиф Иљази донел одлука со која изрекол три месеци затвор. Не сум навредила, ниту сум изнела нешто што не е факт“, истакна таа.

Вејсели смета дека пресудата може да биде поврзана и со друга тема што неодамна ја објавила за сообраќајна несреќа во Гостивар во која загинал малолетник, тврдејќи дека трпи притисоци и закани со тужби.

„Во Тетово и Гостивар новинарите не се добредојдени во судовите. Се прави сè за јавноста да биде исклучена“, додава таа.

Загрозена е слободата на изразување: АВМУ реагира по пресудата за новинарката Вејсели

На пресудата реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која изрази сериозна загриженост и оцени дека одлуката испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.

„Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на нивната професионална работа создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана“, соопшти АВМУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот