Кажи ми кога си роден, ќе ти кажам каков си: Летните луѓе се заљубливи, а зимските практични

Дури и ако не верувате во астрологијата, една неодамнешна студија на Универзитетот во Будимпешта презентирана на Европскиот колеџ за невропсихофармакологија ја потврдува врската помеѓу годишното време, раѓањето и личноста благодарение на зададениот биолошки часовник и количината на дневна светлина при раѓањето. Овие карактерни црти и склоности се позабележливи во возрасната доба отколку во детството.

Родени во пролет

Родените во пролет имаат т. н. хипертимичен темперамент, што ги прави попозитивни од луѓето родени во другите годишни времиња.

Затоа, пролетните бебиња често покажуваат оптимизам, лесно го изразуваат својот ентузијазам и не им треба долго време за да се „загреат“ за некоја идеја. Тие не се премногу склони кон депресија, а често поседуваат одреден уметнички талент.

Сакаат да им помагаат на блиските и со задоволство ќе ги слушаат. Лесно се дружат. Скромни се, а нивен најсилен адут е големото срце.

Родени во лето

Луѓето родени во летните месеци имаат т.н. циклотимичен темперамент, што ги прави склони кон чести промени на расположението, кои, пак, не мора да бидат предизвикани од ништо конкретно.

Исто така, тие се повеќе склони кон нервоза отколку луѓето родени во другите годишни времиња, а исто така им се припишува и фактот дека се многу заљубливи. Тие почесто ги менуваат работните места и се повеќе склони кон конфликти.

Од друга страна, овие луѓе се надарени со леснотија да ги решаваат проблемите и се многу независни. Имаат развиена фантазија и ги сакаат моментите кога можат да се опуштат. Вистината им е многу важна и избегнуваат да ги лажат оние што ги сакаат. Нивен најсилен адут е снаодливоста.

Родени во есен

И покрај дождовите, паѓањето на лисјата и заспаната природа, луѓето родени во есенските месеци се најмалку склони кон депресија.

Иако не им се припишува премногу позитивен, туку,  пред сѐ, рационален и приземен карактер, есенските деца имаат најмал ризик од развој на ментални нарушувања. Исто така, тие се доста физички активни.

При донесувањето на каква било одлука, сѐ добро ќе проанализираат и испланираат. Секогаш се малку претпазливи и лесно ќе ја препознаат лагата од вистината. Нивен најсилен адут е остроумноста. Кога разговараат со луѓето, сакаат да водат длабокоразумни разговори и немаат проблеми да им кажат сѐ – без разлика дали е добра или лоша вест. Многу се отворени и искусни.

Родени во зима

Луѓето родени во зима се емотивно најстабилни, односно тие се најотпорни на емоционалните стресови, тврдат унгарските истражувачи кои објаснуваат дека на тоа влијаат и поголемите количини на сонце што ги „впиле“ за време на бременоста на мајката.

Тие се водени од разумот, а не од чувствата, и ги краси постојаноста во ставовите и целите.

Кога некој ќе ги замоли за услуга, тешко велат – не. Исто така, кога ќе засакаат некого, можат да го сакаат до крајот на животот и целосно да му се предадат. Добри пријатели се, одлични домаќини. Дарежливи се, а најсилен адут им е великодушноста.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот