Катица е во Јужна Америка, оваа од терасата е сурогат Катица!

Можеби вистинската Катица веќе е во Јужна Америка, а оваа што седи на терасата на нејзиниот стан и пуши „родео“ тврдо, е некоја изнајмена жена, сурогат Катица. Која, пак во последната епизода на серијалот „Рекет“, на Македонците ќе им се открие како мајка на Груевски и тетка на Мијалков, односно како жена во жесток роднински судир на интересите. Или така некако. Бла, бла, бла!
Имам впечаток дека мојот последен статус на Фејсбук не беше најдобро разбран. Па, си реков, ај, можеби ќе има(м) повеќе среќа во „Слободен печат“.

Оди вака: „Македонија е мотор со внатрешно согорување. Работи на сензации.
Бесплатно гориво што му го сипуваат на политичките, новинарски и културни пумпи, рамномерно распоредени околу автострадата кон иднината. Кружна патека за идиоти“.
Не случајно колумната ја почнав со Катица. Земете ја, да речеме, сета оваа сапуница со СЈО. Тоа е многу добра илустрација. Јас мислам дека таква форма на (само)компромитација, со најстрашни можни општи последици, не постои во природна форма.

Најновата информација за платите, хонорарите и бонусите е интересна сензација за забава на широките народни маси, за воздишки и пцости, мамицу им ебам, колкави пари земале, и така натаму, а мафијата е на слобода, добра е за одвлекување на вниманието од големиот криминал и за турање нов рузмарин и шаш врз злоделото на Груевски и неговата злосторничка екипа од вмро-дпмне, јасна е идејата на овој серијал, но фасцинантно е тоа што никој не се прашува зошто луѓето со такви примања и влијанија, дозволиле нивната шефица да ги лизне на така банална фора каква што е трговијата со влијание во замена за една мочана гарнитура, па нека е и „натуци“. Односно зошто шефицата би решила да се испокака на вака усран начин. И како специјалната обвинителка која е инсталирана за да ја расплетка аферата со прислушкувањето, без каква и да е резерва, се снима како да е на сет во „Метро Голдвин Маер“. Та телефон, пред базен, во кафеана, распеана, хахаха. Како некоја балканизирана и подрасипана Бриџит Џонс, но со идеја дека ја снимаат, не тајно, туку во рамките на еден договорен проект.
Кога ова би бил филм, како што јас мислам дека е, критиката во Кан би го направила пуздер: неуверлива, всушност, никаква мотивација во однос на злоделото околу кое се одвива трилерот, лоши дијалози, развлечена динамика, мизерна глума, режија нула.

Освен ако филмот не е прикажан, не во главната селекција, туку во конкуренцијата на малограѓанските серијали за прости домаќини и домаќинки. Тука би можел и некоја палмичка да освои. Сè е во рамките на тоа петпарачко сценарио, вклучувајќи ги тука и гаќите на Вилма, односно гаќите што Рускоска најави дека ќе им ги слече на судиите што ја пуштија Катица на домашно лекување. Фино темпирано, интензивирано, па олабавувано, дејствие, заплет, па рамна пауза, и крај кој не се гледа. Со други зборови, Катица, Боки потешко, ќе бидат ослободени затоа што така е запишано во сценариото.
До кое дојде Офаманаман.

Такви затвореници во природна состојба не постојат. Никаде, па нема да постојат ниту во Македонија.
Не случајно се јавив кај Рускоска и кај Фрчкоска со барање дозвола да разговарам со Катица со намера да изигрувам некој македонски Капоти. А можеби и да бидам. Нека да не сме премногу скромни.
Општествената состојба би требала да ја присили општествената елита да еволуира и да се промени, инаку ќе имаме ситуација каква што има Хонг Конг. Вели повеќекратно банкротираниот бизнисмен и политичар, бившиот министер во владата на Рачан, Горанко Фижилуќ. Нетипичен тип, симпатичен и шармантен соговорник на разни теми, од транзицијата до геополитиката. Тој смета дека штрајкот на учителите и наставниците е најголем потрес во историјата на независна Хрватска. Феномен што ги надминал иницијалните социјални барања и прераснал во демонстрација на незадоволство од самиот концепт на државата. Во која една партија е 20 години на власт.

Јас мислам дека во Македонија не е можен Хонг Конг, дури и да не се случи еволуција на општествената елита, затоа што фрустрацијата е во статус во кој не го буди, туку го шкопи општеството. Нема правда има мир е лоша варијанта, не поради некои морални причини, туку затоа што состојбата што е така дефинирана е неодржлива.

Промени мора да има. И има. Затоа што алтернативата е смрт. Многу е просто.
Елитата мора да најде решение за прашањето на правниот систем кој е темелно деградиран. Тоа решение мора да биде системско и политичко. Алтернативата се смрт на општеството или насилна промена на системот. Кога фрустрацијата ќе се изрази како физички погром врз сите судови, судијки и судии, обвинителки и обвинители.

Шарената револуција беше последниот голем слободоумен гест на малата нација. Неуспехот или половичниот успех на таа револуција го принуди општеството да се повлече на тарабите на социјалните мрежи и да кокодака на теми на кои во Шарената ризикуваше, демонстрираше и се жртвуваше. Тој хор е крик на мртвото општеството.

Колку е погласен крикот, општеството е помртво. На тој мртовечки начин и постабилно.
Врисокот ја дисперзира фрустацијата, ја иселува заедно со младите, тоа го намалува притисокот во котелот, а тоа, пак, ги засилува позициите на оние кои го предизвикале врисокот.
Општеството, можеби, не работи во корист на сопствената штета, но сигурно работи во корист на оние против кои, наводно, се бори. Во корист општествената елита, сигурно.
А, многу веројатно и во корист на власта.

Фејсбукот е јаже за бесење на кое овие не умираат туку се лулаат и уживаат.
Да може некој да ја гарантира трајноста на оваа состојба, таа би била премија за овој народ.
Но, не. Работите, сепак, се менуваат. Јас сум единствениот кој мисли – на подобро.
Бавно и болно, но сепак над мерките на нашите заслуги. Не го потценувајте мирот и овој рај во кој ве посадил Господ! Ниту едно општество немало полесен начин да ја обезбеди својата иднина. Сè што треба да направи е на гласачките места да го смачка злото што се вика вмро. Тоа е.
Ако ви е добро или доброто го гледате во злото, тогаш ништо!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот