Катедрата за современ танц при УГД учествува на фестивал во Братислава

На сцената на „Театр Лаб“ во Братислава, на отворањето на фестивалот „Share“, на 2 јуни ќе настапат студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, кои ќе ги изведат кореографиите „Outline“ на Дејан Битровски, во која настапува Емилија Милак, и „Без-надежен“ на Иван Ангелковски, во која настапува студентката Стефани Шааршмит. Двете кореографии се во продукција на Скопје танцовиот театар.

Воедно, во рамките на фестивалот, асистентката Анастасија Данчевска ќе одржи работилница, а професорката Рисима Рисимкин ќе има предавања на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија“, труд кој беше претставен на научната конференција „Етима“ во 2021 година.

Фестивалот „Share“ 2022, ќе се одржи од втори до петти јуни во Братислава, Словачка, како платформа на седум европски танцови академии и универзитети, и тоа Универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц и Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена од Австрија; Академијата за култура од Латвија; Академијата за музика и театар од Литванија; Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; Академијата за изведувачки уметности од Братислава, Словачка, и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија.

– Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ќе ги споделат своите искуства во Братислава, ќе има работилници, како и вечерна програма на секоја од овие седум академии – посочи Рисима Рисимкин, Декан на Филмската академија при УГД и уметнички директор на Скопје танцовиот театар.

Фестивалот „Share“ се формираше во 2017 година, кога за првпат се одржа во Братислава, Словачка, со цел да се постави платформа за соработка на млади европски современи танчери. Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во меѓувреме патува низ земјите учеснички.

Во 2018 година фестивалот се одржа во рамките на „Танц фест“ во Скопје и Штип, а на него присуствуваа преку сто млади уметници и професори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот