Биљал Касами / Фото: „Фејсбук“

Касами вели дека изјавата за Кичево била искрена, ама погрешно му ја протолкувале

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, во пресрет на вториот изборен круг, во интервју за „Алсат“ рече дека за време на неговиот мандат работел за сите граѓани на Тетово, без оглед на нивната етничка припадност.

– Јас сум градоначалник на сите граѓани на Тетово. Ја побарав довербата од Албанците, Македонците, Турците, Ромите и на сите мои сограѓани и работев за доброто на секој од нив – изјави Касами.

Тој рече дека Тетово е „град со космополитски карактер, место каде секој успех и придобивка реализирани во изминатите четири години им припаѓаат и им се радуваат сите граѓани.

Во врска со својата претходна изјава за вториот круг избори во Кичево, тој рече дека таа е извадена од контекст и погрешно интерпретирана.

Касами пред неколку дена изјави дека ќе го поддржи кандидатот на лутиот ривал ДУИ во Кичево, затоа што тој е Албанец, а изјавата предизвика потреси во владејачката коалиција, од која дел е и партијата на Касами, Беса, како дел од „Вреди“. По јавната реакција на премиерот Христијан Мицкоски, тетовскиот градоначалник потоа постепено се повлекуваше од кажаното.

– Треба да се има предвид контекстот и медиумот во кој беше дадена изјавата, како и околностите во кои потоа беше пренесена. Со тоа целосно се извади од нејзината првична идеја – изјави Касами, без да објасни

Тој додаде само дека изјавата е дадена во момент кога, според него, политичките опоненти се обидувале „максимално да ја отворат етничката карта во изборниот процес“.

– Изјавата, во моментот кога беше дадена, беше во контекст на тоа што нашите политички опоненти на овие избори се обидоа максимално да ја отворат етничката карта. Целата таа изјава, би рекол, беше искрена, но политички беше погрешно протолкувана – рече тој.

Касами „го пушти низ вода“ и Хаќим Рамадани, кандидатот на Вреди за градоначалник на Брвеница, кој лобираше меѓу иселениците-Албанци во Германија заедно со луѓе од ДУИ. Рамадани агитираше против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во општината, наведувајќи дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец.

Касами вечерва ги оцени тие изјави како личен став на Рамадани.

„Треба да се обединиме околу заедничките визии за развој. Ставовите на кандидатот за Општина Брвеница се негови лични ставови“, рече тетовскиот градоначалник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот