Карпошани на нов протест против 17-катницата кај „Букурешт“, бараат одлука од Министерството за култура веднаш!

Фото: О2 иницијатива

Додека министерката за култура и директорот на Управата за заштита на културното наследство чекаат инспекторите да направат надзор во градскиот Конзерваторски центар, теренот забрзано се подготвува и секој ден може да почне изградбата на висококатницата.

Карпошани повторно ќе протестираат в четврток, во 15 часот, овој пат пред Министерството за култура, револтирани затоа што сѐ уште нема решение дали ќе се поништи позитивното конзерваторско мислење, со кое се овозможи да се издаде градежна дозвола за изградба на 17-катницата во близина на Воена болница. Пред две недели веќе се одржа протест на кој се побара од Министерството веднаш да донесе одлука во врска со мислењето на конзерваторите, кое го оспорија со претставки до надлежните институции повеќе невладини организации.

Министерство за култура сѐ уште нема решение, чека инспектори да излезат на терен, директорот не знае зошто инспекторите не излегле на терен. Случајот е јасен, до кога чекање, одлуки мора веднаш, повикаа во објавата за најавениот протест организаторите „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на брифинг со новинарите посочи дека треба решение за да се запре извршување на конзерваторското мислење, но решение сè уште не е донесено.

Таму има една нова ситуација. Има налог од Државниот управен инспекторат дека Управата за заштита на културното наследство треба да излезе на терен и да направи надзор во градски Конзерваторски центар. И ова е допис од 5 февруари. Јас бев навистина зачудена кога се информирав дека досега инспекторите на управата не се излезени во надзор на конзерваторското мислење – рече министерката.

Таа посочи дека жали поради тоа што од тоа решение ќе произлезе дека ќе треба да постапуваат против нивните установи.

Налог е даден од директорот, но инспекторите не вршат надзор. Мислев дека ќе соработуваат повеќе затоа што се работи за многу чувствителна тема. Имаше навистина обемна документација што се разгледуваше повлечена од Управата за заштита, од градски Конзерваторски и од Општина Карпош, обемна беше и ним им требаше време да утврдат како понатаму ќе постапуваат – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

И додека министерката и директорот на Управата за заштита на културното наследство чекаат инспекторите да излезат на терен, очигледно немоќни да им го наложат тоа иако има и налог од Државниот управен инспекторат, на просторот зад поликлиниката Букурешт и Итната помош теренот забрзано се подготвува и секој ден може да почне изградбата. За објектот е дадена дозвола за градба затоа што, како што тврди градоначалникот Стевчо Јакимовски, обезбедени се сите потребни согласности, што значи дека изградбата е според закон, а според него со парите од комуналии за оваа зграда, ќе може да се инвестира во многу проекти во општината.

Фатмир Етеми си гради со Орце Камчев, со помош на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, додека инспекторите од Управа за заштита на културното наследство не излегуваат речиси две недели на терен да проверат како НУ Конзерваторски центар – Скопје го издал позитивното конзерваторско мислење за спорниот комплекс згради за 2.000 жители, во јавноста познат како 17-катница, во болничкиот комплекс кај болницата „8 Септември“, „Жан Митрев“ и поликлиниката „Букурешт“. Налогот за инспекција го дава Државниот управен инспекторат. Директорот на Управата за заштита на културното наследство Зоран Павлов крева раменици, не знае зошто неговите инспектори не излегле на терен – реагираат и од „О2 иницијатива“.

Како што велат оттаму, никој уште не донел никаква одлука по незаконски изготвеното позитивно конзерваторско мислење.

Ваквото мислење е на барање на разрешениот директор на Конзерваторски центар – Скопје, Константин Димитров, сега во притвор како соучесник во злосторничко здружение и комисијата што ја формирал составена од Мирка Илоска, конзерватор-советник, Нита Муча, конзерватор, и Цветанка Хаџи Пецова, конзерватор-советник.
По нашата претставка и предлог за ништовност, Министерството за култура сè уште нема донесено одлука. До кога вака, министерке Бисера Костадиновска-Стојчевска? Да кренат цела зграда да почекаме? – прашуваат од Иницијативата.

Доколку градежните работи стигнат до некаде, тогаш веќе никој не ќе може да ја спречи изградбата, затоа што во спротивно тоа би предизвикало огромни трошоци за отштета на општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот