Карантински дневник на Линдита Кадриу, авторка со посебен сензибилитет

Колумнистката, новинарка и писателка Линдита Кадриу ја објави својата петта книга. Со наслов „Ја ’сакам‘ короната (карантински дневник)“ книгата е напишана, речиси, во еден здив во текот на една седмица. Книгата содржи избор на писма што авторката ги испратила до свои колеги, пријатели, до некои институции, како и до својата поранешна цимерка од Штуловиот универзитет, која сега живее во Германија, а на крајот на книгата се објавени писмата до долгогодишната платонска љубов. Книгата завршува со „хепиенд“ (среќен крај) со новата љубов.

Уште со својата прва книга „Есеи“ (издание на „Или-Или“) објавена на македонски и на албански јазик (не како превод, туку според изворниот јазик на кој бил напишан есејот), Линдита Кадриу се претставува како авторка со неконвенционален сензибилитет, која не страда од дефинирање на жанрот на текстовите што ги пишува. Нејзини колумни се објавувани во печатени медиуми на македонски и на албански јазик. Зборовите во нејзините есеи извираат од длабочината на душата соочена со реалноста на светот во кој живееме.

Покрај „Есеи“, досега се објавени и книгите „Тетово низ старите фотографии“, каде е коавторка заедно со историчарите Драги Ѓоргиев и Ахмет Шерифи, кои пишувале за историскиот развој на Тетово, а Линдита за своето детство и иконичните ликови од времето на нејзиното растење во градот; третата книга „Стварно не знам каков наслов“ е животопис од нејзините рани и младешки години, кариерата како новинар и предавач на универзитет, до нејзините пријатели и љубови; додека четвртата книга „Мејлови“ содржи имејл-преписка помеѓу Линдита Кадриу и нејзината пријателка Арлинда Зимери. Книгите се објавени од издавачот „Арберија дизајн“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот