Карабах пукна „петарда“ во мрежата на Шкендија, која ќе продолжи во плеј-офот на Лига Европа
Денеска во реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите фудбалерите на Шкендија убедливо беа поразени со 5:1 против Карабах во Баку.
Препорачано
После минималниот триумф на азербејџанскиот првак во Скопје од 1:0, тетовските „црвено-црни“ и натаму беа оптимисти дека можат да го свртат двомечот во нивна корист.
А мечот на стадионот „Тофик Бахрамов“ одлично почна за играчите на тренерот Јетон Беќири со водство во 10 минута со погодокот на Тамба по асистенцијата на Ибраими.
Но, радоста и таквиот егал кратко траеше бидејќи домаќините за само две минути направија целосен пресврт.
Цаке во 16 минута не реагираше најдобро и си постигна автогол, а 120 секунди подоцна ново невнимание во одбраната на македонскиот првак, Зубир правовремено го пронајде Кади Боргес кој стрелаше за 2:1.
Продолжи доминацијата на Карабах кој се покажа како доста подобар во возвратниот дуел, во секој сегмент на теренот знаеше што сака да прави со топката и на крајот тоа му се исплати пред своите верни навивачи кои и натаму се радуваа на погодоци на нивната екипа.
За 3:1 се погрижи Ахундзаде од непосредна близина, повторно во улога на асистент се најде Зубир, а во 35 минута по прекршокот на Џака во казнетиот простор, прецизен од белата точка беше Јанковиќ за 4:1, резултат со кој се замина на одмор.
Шкендија тешко доаѓаше до нова шанса во второто полувреме, Карабах едноставно беше незапирлив со своето високо темпо на игра кое тешко го следеа фудбалерите на Беќиир.
Конечниот епилог го постави Леандро Андраде кој убаво беше пронајден од Кафаркулијев за „петарда“ во мрежата на Гаје.
Шкендија тука го завршува настапот во ЛШ, а својот меѓународен настап оваа сезона ќе го продолжи во плеј-офот на Лигата на Европа каде ќе игра против поразениот од дуелот меѓу Ференцварош и Лудогорец (0:0).


