Као попишани

Не е исклучено, сепак, попис да има. Ама ако нема елементарна доверба, пред сѐ во институциите, ќе изгледаме исто како погрешно закопчаната кошула – као попишани.

Најголемата, најважната неполитичка операција во државата – пребројувањето имоти, луѓе и друго – пропадна уште пред да почне на први април. Ова, за жал, не е шега: веродостојноста на процената дека пописот ќе успее, и покрај сѐ, не излегува од рамката на она што се нарекува статистичка грешка.

Искуството докажа дека кога ќе се промаши првото копче од кошулата, тогаш џабе е што сте ги погодиле сите други – нема да личите на ништо ни вие ни кошулата. Се разбира, за секоја глупост ние мора да имаме сопствено искуство. Првото копче се вика Али Ахмети, ама тоа е и натаму закопчено до грло. Молчи, наместо да го седнеа (малку фалеше да напишам – како попче), ако веќе не сака доброволно, и јасно и гласно да ѝ објасни на јавноста како и зошто пропадна пописот во 2011 година. За операцијата е поведена судска постапка, а за  потрошените милиони државни пари не е моментот да се секираме (сега барем пари имаме). Лидерот на ДУИ беше директен учесник  – заедно со Никола Груевски, ама тој сега ќе се попишува во друга графа – во организирањето, во почетното спроведување и во одлуката да го прекинат пописот. А и сега е во таква улога. Значи, останавме без едно незаменливо искуство кое може(ше) да помогне – повеќе од што било друго – да не ни се повтори скандалот, можеби во уште полоша варијанта, да не изгледаме, заедно со кошулата (пописот) – грозно и пред себе и пред светот.

За да биде бељата поголема, во случајов ни другите копчиња не се на место. Или никој не верува дека се. Власта, односно СДСМ, тврди дека пописот ќе биде реализиран според сите релевантни светски стандарди, ама остави преголеми „дупки“ во обидот – ако воопшто имаше таков – да ја убеди јавноста дека нема ништо политичко во операцијата. Токму со изјавите дека ова не се избори и оти успешен попис ќе значи пораз на Мицкоски.

Од спротивната страна, ВМРО-ДПМНЕ работи само на едно копче – да падне премиерот и лидер на СДСМ (името познато), па ако сака заедно со него нека пропадне сѐ друго, вклучувајќи го и пописот. Партијата бараше да оставаме отпечаток од прст како доказ дека формуларот сме го пополниле сами, тука, а не по кажување. Заедно со вулгарноста на „отпечатокот“ отпадна и културното барање. Сега ќе собира потписи за да го укине законот што ќе го донесе СДСМ.

Каде се во целата оваа партиска расправија навистина надлежните за спроведување попис – Државниот завод за статистика, на пример. Наместо тие да ја водат операцијата, нив ги третираат како пациенти. Испаѓа дека партиите спроведуваат попис, поучени од методологијата во кампањите од врата до врата.

Кога на ова ќе се придодадат „резултатите“ од пребројувањето – бројот на Албанци во земјава е објавен со прецизност од три децимали – тогаш навистина изгледа дека нема смисла џабе да трошиме толку луѓе, тимови и време (парите, рековме, не се битни) за да ги добиеме истите бројки во кои веруваат партиите. Или за да добиеме нови во кои никој нема да верува. Само довербата – ни закон, ни методологија ни ништо друго ја нема таа сила – може да ја спаси, да ја направи успешна операцијата за пребројување. А беше згодна можност да се преброиме. Не за друго, барем ќе видевме колку – нѐ нема.

Не е исклучено, сепак, попис да има. Ама ако нема елементарна доверба, пред сѐ во институциите, ќе изгледаме исто како погрешно закопчаната кошула – као попишани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот