13 C
Скопје

„Канадерите“ чекаат сервис, за галичкиот пожар не требало гаснење од воздух

Се уште се утврдуваат причините за пожарот кој завчера избувна во непосредна близина на селото Галичник. Од нас уште не е побарано од страна на МВР и на НП Маврово да се вклучат нашите стручни лица во утврдување на причините за пожарот, но сме подготвени да се вклучиме, вели Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

– Првиот човек кој го пријавил пожарот всушност е наш вработен кој се затекнал во близина на пожарот, па потоа ние ги информиравме во ЦУК, МВР и НП Маврово. Временските услови не дозволуваа да се ангажираат хеликоптерите на МВР, изјави Максути за Слободен печат.

Тој потврди дека трите авиона за гаснење на пожари се приземјени уште од лани поради неопходноста да бидат сервисирани, но дека тендерот бил неуспешен, па засега не може да се изврши сервисот на леталата.

Во пожарот се уништени околу осум хектари боров насад и ниска вегетација. Во гаснењето на пожарот, освен граѓани кои во тој момент биле присутни во Галичник, учествувале противпожарните единици од Дебар и од Гостивар, како и припадници на полицијата од Маврово.

„Пожарот бил пријавен во 13 часот од случајни минувачи, од Национален парк Маврово пристигнале на местото час ипол подоцна, а пожарот бил изгаснат во 22 часот“, информираат од управата на ЈУ НП Маврово.

Гаснењето на пожарот било набљудувано од страна на АРМ, но било оценето дека немало потреба да бидат вклучени двата армиски хеликоптера, кои биле подготвени да интервенираат, велат од Центарот за управување со кризи.

Уште не се знае која е причината за пожарот. Се разгледуваат опциите за можен струен удар од блискиот далновод или пак самозапалување на трева, но надлежните немаат одговор на тоа како е можно такво нешто да се случи во ситуација кога има влажна вегетација и вода од топење на снеговите на таа надморска височина.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во разговор за Утрински брифинг посочи дека во текот на вчерашниот ден од страна на МВР се вршел увид.

– Јас лично, заедно со претседателот на МЗ Галичник го разгледавме местото и постои можност причина да е спој на жиците од далноводите кои минуваат низ боровата шума. Но ова е паушално тврдење и чекаме на одговор. Теренот кој беше зафатен од пожарот не беше голем, рече Ангелов, но ја исклучи можноста подготовка од скара да е причината иако поради велигденските празници селото било преполно со посетители.

Поврзани вести

ВИДЕО | Се слушна ѕвоното во Детската клиника: Малата Ана ја доби борбата со болестите

Слободен печат

Утре се одбележува Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот

Слободен печат

Бегал од полиција, па со 140 км на час удрил во лежечки полицаец

Слободен печат

Двајца станари со деменција побегнале од старечкиот дом во Тенеси благодарение на воената обука, персоналот казнет

Слободен печат

Деспотовски: Заврши времето на евтина работна сила, немаме луѓе за извоз

Слободен печат

Успорената демографија нема да ја сопре Кина

Гидеон Рахман/Financial Times

Остави Коментар