Билборди - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Билборди - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Кампања со секс, лаги и видеоснимки, со референдуми и дијагнози!

И покрај ветувањата на партиите дека ќе водат позитивна кампања, таа изобилуваше со меѓусебни навреди и омаловажаувања, а Левица не доби можност да се рекламира, иако е парламентарна партија

Хибридни напади од домашни и странски центри, резолуција, црвени линии и куферчиња, „српски свет“, загари, зајаци и орли, предавници и патриоти, некролози и дијагнози, „тајни коалиции“, неможност за рекламирање, вештачка интелигенција и „бомба“ за секс-скандал ја одбележаа кампањата за локалните избори. И покрај ветувањата на партиите дека ќе водат позитивна кампања, таа изобилуваше со меѓусебни навреди и омаловажаувања.

Кандидатите и понудените проекти паднаа во сенка на партиските лидери. Според пораките на партиските лидери, и не е толку важно дали кандидатите за градоначалници реално ја заслужуваат поддршката, зашто граѓаните в недела, барем според лидерската логика, всушност гласаат за партиите, односно во кој правец ќе оди државата, зашто локалните избори добија статус на референдумско изјаснување – да се биде или не.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште пред почетокот на кампањата обвини дека пожарите на депониите не случајно се во пресрет на локалните избори и дека се хибридни напади. Лидерот на СДСМ Венко Филипче среде капања лансира резолуција со црвени линии за идентитететот, односно висока политика наместо комунални теми. И лидерот на ДУИ Али Ахмети локалните избори ги издигна на ниво на референдум кој, пак, ќе треба да предизвика предвремени парламентарни избори и битка за легитимен претставник на Албанците во власта. На последните парламентарни избори, Ахмети рече дека премиерот пораснал со плазма-бисквити и гурабии, а сега хит во кампањата му беше изјавата до Мицкоски „дека со загари не се ловат орли, туку зајаци“. ДУИ и Вреди, пак, меѓусебно се обвинуваа за тоа кој одработува за „српскиот свет“.

Мицкоски му возврати на Ахмети со предвидувањето дека политички ќе се пензионира, зашто ДУИ, која 20 години се занимава само со етнички прашања, со историјатот на УЧК, ќе изгуби. Премиерот беше „дијагностичар“ и за однесувањето на Филипче – дека е патологија. Во својство на лекар, Мицкоски му препорача и две вакцини на Филипче – првата е Харис Џиновиќ, зашто кога ќе слушне негова песна, кај носителот на вирусот се појавува едно убаво чувство на еуфорија, но вистинскиот лек или втората вакцина бил народот кој ќе му го покажел местото на 19 октомври. Мицкоски истакна и дека првпат се случува лидер на партија и премиер да го види својот некролог, алудирајќи на фотомонтажата на која на неговото и лицата на „полицајците“ Панче Тошковски и Александар Јанев се испрскани со крв (тројцата се посочуваат како директни виновници за трагедијата во Кочани).

Кампањата ја одбележа и неможноста на Левица да се рекламира, иако е парламентарна партија, а куриозитет е и номинацијата на Жика Стојановски за градоначалник на Илинден но сега како кандидат на СДСМ, откако претходно беше градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и независен. Во кампањата се „прошетаа“ и поранешните лидери на СДСМ – Зоран Заев и Бранко Црвенковски, а Филипче и неговиот поранешен сопартиец, сега лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, меѓусебно се обвинуваа кој е поголем предавник на социјалдемократската идеја и на државата.

Меѓу последните скандали се и видеоснимката со, сега веќе ексдиректорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, на која се гледа како тој меша бела прашкаска материја, како и компромитирачката аудиоснимка на која се слуша наводно гласот на кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари како сексуално малтретира, понижува и навредува вработени жени во општината.

Партиите на локалните избор не понудија новитети во рекламните спотови и на билбордите. Дел партии беа инвентивни на социјалните мрежи каде своите визии за општините ги претставија со помош на вештачката интелигенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот