Камерниот ансамбл „Нов здив“ раководен од Паскал Галоа ќе настапи на „Охридско лето“

Камерниот ансамбл на Филхармонија со назив „Нов здив“, на 15 јули, во 21 часот, ќе настапи во црквата „Св. Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за настан во организација на Филхармонија на РСМ, кој се реализира како дел од програмата на најзначајниот фестивал во земјата.

На програмата на концертот се „Verklärte Nacht“ за гудачки секстет од Арнолд Шенберг, „Омен“ за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти од Валентина Велковска – Трајановска и Пијано квинтет од Антон Веберн. Диригент е Паскал Галоа од Франција.

Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ произлегува од желбата и предизвиците за изведба на современа музика на нашата музичка сцена, но и фактот што во нашата држава не постојат многу состави кои се длабински посветени на новата музика.

Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“ на Филхармонија во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција, грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори. Сите композиции кои се дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани, а дел од нив и премиерно ќе се изведат во РС Македонија. Наедно ова ќе биде и премиерно претставување на камерниот ансамбл „Нов здив“.

Членови на новоформираниот ансамбл „Нов здив“ се Бојан Илкоски (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола), Александар Лаовски (виола), Паскал Краповски (виолончело), Драган Гоневски (виолончело), Игор Бакревски (кларинет), Маријана Николовска (пијано) и Атанас Алексов (ударни инструменти). Како солистка ќе настапи и сопранистката Гонца Богоромова – Краповски.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговата прва изведба на „Секвенца 7“ од Берио беше исклучително важен настан за неговата кариера, исто како и неговата изведба на „Дијалог на сенките“ од Пјер Булез и „Псалми“ на Волфганг Рим за кларинет и оркестар.

Галоа ги организира и т.н. Музички моменти заедно со своите пријатели, како за 85. роденден на Пјер Булез во Музејот на уметноста во Париз, или за 95. роденден на Анри Дутие во хотелот „Де Лаузун“. Тој ги снима и своите современици со исто толку голем ентузијазам, како што се Пјер Булез, Лучано Берио и Олга Ноивирт.

Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз. Во 2015 година, тој го формира и фестивалот во Киброн, во кој се среќаваат класичната и модерната музика. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот