Биткоин / EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Камбоџански тајкун обвинет за крипто измама, САД запленија 14 милијарди долари

Американските власти запленија повеќе од 14 милијарди долари во биткоини и подигнаа обвинение против Чен Жи (познат и како Винсент), 38-годишен основач на камбоџанската бизнис-групација Prince Holding Group, под сомнение дека стои зад една од најголемите глобални крипто измами во поновата историја.

Федералните обвинители во Бруклин, во обвинението објавено во вторник, го обвинија Чен за заговор за извршување онлајн измама и перење пари. Во координиран потег, САД и Велика Британија воведоа санкции против групацијата, а американското Министерство за финансии ја означи како транснационална криминална организација, објави Еуроњуз.

Обвинителите тврдат дека Чен управувал со „раширена империја на сајбер измами“, која користела т.н. „pig butchering“ метод — измама во која жртвите се заведуваат преку интернет врски и потоа се насочуваат кон лажни крипто инвестиции. Во еден момент, Чен наводно се пофалил дека операцијата генерирала 30 милиони долари дневно.

Кампови за принудна работа и перење милијарди

Истражителите откриле дека Prince Group изградил најмалку 10 комплекси во Камбоџа, каде што работници биле принудени да работат против својата волја. Многумина биле мигранти намамени преку лажни огласи за работа, потоа задолжени да водат илјадници лажни профили на социјални мрежи и да мамат жртви во крипто шеми.

Откако средствата биле прибрани, тие биле прани преку поврзани компании, а дел бил потрошен за луксузен животен стил што вклучувал јахти, приватни авиони, недвижности и дела на Пикасо.

Самиот Чен, според обвинението, одобрил физички малтретирања на работниците, предупредувајќи само дека „жртвата не треба да биде тепана до смрт“.

100.000 луѓе принудени во измамнички операции

Според податоци на Обединетите нации, околу 100.000 лица во Камбоџа се принудени да работат во онлајн измами, заедно со десетици илјади во Мјанмар, Тајланд, Лаос и Филипините.

Чен, кој сè уште е на слобода, се соочува со до 40 години затвор доколку биде осуден. Американските власти запленија 127.271 биткоин, вредни речиси 14 милијарди долари, кои би можеле да се искористат за обештетување на жртвите доколку судот го одобри тоа.

Политички врски и пад од врвот

Чен важеше за близок соработник на поранешниот камбоџански премиер Хун Сен и носеше почесна титула „ник окна“, еквивалент на благороднички статус. Аналитичарите сметаат дека токму таа поврзаност со власта му овозможила со години да делува недопирливо.

„Овие акции нема да ја уништат економијата на измама преку ноќ,“ вели Џејкоб Даниел Симс од Азискиот центар на Универзитетот Харвард. „Но, тие испраќаат јасна порака дека елитниот криминал како стратегија на владеење е меч со две острици.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот