Кал место вода во чешмите во Леуново

Каллива вода тече од чешмите во викенд населбата Леуново крај Мавровското езеро/ Фото: Фејсбук

Каллива вода тече од чешмите во викенд населбата Леуново крај Мавровското езеро. Граѓани, кои имаат викендички во ова село до „Слободен Печат“ испратија слики и видео снимка на кои се гледа како валкана вода истекува од чешмите. „Вака е секогаш откако ќе дојде вода откако претходно ќе има прекин во водоснабдувањето“, вели Иванка Апостолоска, чијашто викендичка се наоѓа во повисоките зони на Леуново.

Таа вели дека околу 120 викенд-куќи во Леуново се снабдуваат со вода од изворот од кој се снабдува и хотелот Радика и од кој се издвојуваат два резервоара, од кои едниот е за хотелот, а другиот за викендашите, но дека тој не се одржува воопшто и дека е затрупан со тиња и отпадоци.

Екипа на „Слободен Печат“ пред два месеца ја посети шумската рекичка, од која ни мештаните ни кажаа дека со вода се снабдува и хотелот и викенд населбата. Се уверивме дека таму има каптажа која изгледа запуштено и дека од неа пијат вода викендичките, но и дека пред каптажата има цевка која засебно зафаќа вода за хотелот Радика.

„Жителите знаат каков е проблемот. Превземени се активности за зафаќање на нови извори, денес беа колегите, во среда ќе се земат анализи“, информира Дијана Давидовска, директорка на јавното комунално претпријатие Маврово. На прашањето дали е точно дека и Хотел Радика и викендичките земаат вода од исто рекиче, Давидовска рече дека тоа не е точно. “Хотел Радика ни дава вода преку повратен вентил“, вели Давидовска, но кога ја прашавме да објасни зошто за жителите на Леуново има валкана, а за хотелот чиста вода, таа побара прашањата да ѝ ги испратиме на мејл.

Државниот Инспекторат за животна средина пред околу два месеца во вонреден инспекциски надзор утврдил дека хотелот Радика не ставил мерач на проток на изворот од кој зафаќа вода, што значи дека не се знае колку вода зафаќа, а колку останува за останатите корисници.Инспекторите утврдија дека хотелот испушта загадена непречистена вода директно во Мавровското езеро, а притоа за сето тоа не плаќа никаков надоместок за вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот