Александар Пандов/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

„Како во хотел се однесуваат, ги храниме, ги чуваме“: Пандов вели дека еден осуденик ја чини државата 1.000 евра месечно

Над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе, беше истакнато пред работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, кој се одржува денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. рече дека пробацијата во Македонија не се користи доволно иако постои веќе шест години.

„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и 330-40 со Б2 третман. Не велам дека сите, но, најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори“, рече Пандов.

Тој го нагласи и економскиот аспект на проблемот – вели дека еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра.

„Одат таму како во хотел се однесуваат, ги храниме, ги чуваме. Земаат човечки ресурси – дали луѓето од ресоцијализација се ангажирани, дали затворската полиција“, рече тој.

Пандов посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Тој информираше дека има над 100 барања за прекин на пробацијата кои најчесто се поради непочитување на препораките од страна на осудениците.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ја истакна важноста на ресоцијализацијата.

„Целта на казнувањето не е секогаш казната сама по себе, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите на кривични дела, а секако, условниот отпуст игра доста важна улога во таа насока“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот