Како ви е дома наместено

Ги гледам богатите и славните и обичните и необичните на мали квадратчиња како ни се јавуваат и нѐ поздравуваат од своите домови. Па ги гледаме како ја средиле дневната, покажуваат како им е дома наместено, па ги ставиле сите трофеи да се гледаат во заднина, стратешки наредиле уметнички слики и книги „на метро“, демек интелектуалци, лежерно навалени во фотелја… Други пак дома, растурено, празно, неубаво, си вели човек, да ти ги имам парите, да ти го немам (не)вкусот.

Цареви се Енглезиве за хуманитарни проекти. Цареви. Мислам дека не постои земја која има толку многу невладини  и хуманитарни организации и толку многу луѓе кои редовно даваат пари . И за гладни и жедни деца во Африка, и за заштита на женски деца од обрежување, и за оперирање на деца родени со таканаречена „зајачка усна“, за попреченост на видот и други слични вродени состојби кои едноставен хируршки зафат може да ги реши, донации за  виртуелно „посвојување“ за да можат децата да се образоваат… Па разни акции и донации за животни – за  носорози пред истребување да не бидат истребени,  за спас на магариња во разни делови низ светот кои се злоупотребени и запоставени, за вдомување на кучиња-скитници, за тигри и слонови и китови за да не ги снема и така натаму…

Даваат пари луѓето и што е најважно, и за дома и за во странство. Нема разлика и никој не вели, „како да не, ќе давам јас за гладните во Бијафра, кога и тука има гладни“ или „што има јас да се грижам за кучичи-мачичи кога тука луѓето немаат што да јадат“. Имам заклучено дека, главно, тие што велат така најчесто не даваат ни за Бијафра, ни за гладните, ни за „кучичи-мачичи“. Да се разбереме, има и тука исклучоци, не велам јас дека сѐ е идеално и розово, ама генерално гледано, само во Обединетото Кралство  можеше да се случи пензиониран воен ветерен, шеткајќи го дворот долг 25 метри да собере… чекајте да проверам, зашто капетанот Томас Мур продолжи „да го мери“ дворчето – нешто повеќе од 26 милиони фунти. А 99-годишникот сакаше да собере само 1.000 фунти, и тоа до 30 април, кога ќе наполни 100 години. За добротворни организации и за јавното здравство, за справување со коронавирусот. Но рече дека ќе оди, сѐ додека луѓето донираат пари!

Нова реалност

Седиме дома и гледаме уште една хуманитарна емисија на телевизија, на која и сега, во време на изолација поради коронавирусот, јавниот сервис, со помош на неколку организации и голем број познати и славни медиумски личности, собира пари за јавното здравство. Не се сомневам дека акцијата ќе биде успешна. И претходните, кога познатите си славните добиваа хонорари, и оваа, кога тие решија да работат беспари, се успешни. Редовно се собираат милионски суми. Со концерти и настани и повеќеилјадна публика во студио, дотерана со сите нишани и гламур, и игри и песни и хумор и сатира и „д бест оф Британ“, што ќе рече – најдоброто од Британија… Ама тоа одамна,  пред три месеци. Овој пат беа собрани повеќе од 27 милиони фунти. Како капетанот Том, само што сега владата се обврза дека ќе ја удвои донацијата.

Полека се навикнуваме на новата реалност. Ги гледам водителите, тројца оддалечени на два метра, дотерани, ама чудно некако, едвај во екранот ги собира, ако се оддалечат уште малце, во бенџаминот десно од телевизорот ќе ми влезат. Публика во студио нема, само камермани, светло и некои од неопходните, со маски на лице додека можат да издржат. Нема гламурозна публика во најнови креации за кои потоа со денови ќе се зборува. Публиката е дома, сега веќе кој како, ама во ова време главно разгаќена, а учесниците, исто така, во домашни услови, секој сам по сам и се облекле кој како мисли дека е убав/а и дека му/ѝ  стои, нема гардеробери и стилисти и шминкери да ги потсуредат. И ретко кој, освен оние најпрофесионалните или оние што успеале некако дома да прошверцуваат некој стилист (кој клечи некаде во заднина за да не биде виден и го брои дебелиот хонорар), да изгледаат полупристојно. Тоа е тоа со новата технологија, со Мајкрософт тимс, со Зум, со Скајп, со месинџери и вибери и со други платформи со кои може да се прави муабет, некаде сам по сам, на други групно. Некаде службено (маж ми трипати неделно „морално конференс кол“, да го жали човек), некаде приватно (дружење, женско, мешано, меѓународно…).

Ковид-комуникација

Сликата е некако матна, а гостите, и покрај тоа што добиле упатство да гледаат во камерата на лаптопот или домашниот компјутер, гледаат некаде малку десно. Или малку лево. Ги гледам богатите и славните и обичните и необичните на мали квадратчиња како ни се јавуваат и нѐ поздравуваат од своите домови. Разни домови, главно наместени за оваа пригода. Па ги гледаме како ја средиле дневната, покажуваат како им е дома наместено, па ги ставиле сите трофеи да се гледаат во заднина, стратешки наредиле уметнички слики и книги „на метро“, демек интелектуалци, лежерно навалени во фотелја и, ако бидат искрени, ќе кажат дека кога се на Зум, се гледаат повеќе себе одошто оние со кои разговараат. Други пак дома, растурено, празно, неубаво, си вели човек, да ти ги имам парите, да ти го немам (не)вкусот.

Ова за како им е наместено дома, ме потсети на времето кога живеев во Скопје и го шетав моето кученце Џеки (мајка териер, татко во бегство) низ населба (да, да, јас центарка, плус малку сноб, се омажив во населба, што ти прави љубов) и речиси цела година една жена на крајот од улицата упорно ме канеше на кафе. А јас упорно ја одбивав, прво зашто не ја знаев, второ зашто немав желба да ја запознам и трето зашто немав обичај да одам по комшии на кафиња, со зборовите, „фала, ама другпат“. Сѐ додека еден ден не ми кажа „еее, другпат, другпат, скоро една година си тука, а јас не знам како ти е дома наместено“.

Некои придобивки од новата технологија за ова време на ковид-комуникација се многу добри – цел оркестар се собрал и секој од дома ја свири својата партитура. Разговорите на мрежите кои сега ни овозможуваат комуникација, а така изгледа ќе биде подолго време, се, нема што, исто добри. Ама оние колективните, да бидам искрена, ме прават малку, па како да кажам, да се чувствувам нелагодно и не ми се секогаш по ќеф. Признавам дека и јас се гледам себеси во екранот повеќе одошто треба и гледам како сум нашминкана и дали ми пораснале корените и констатирам дека ми е време за фарбање, некогаш се заборавам и прифаќам контакт недотерана и ненашминкана (страшно), често не знам кој сѐ ќе ми влезе дома, а домот ми е светост и не сакам кој било да доаѓа непоканет (а во група, туку некој доаѓа, некој си оди, нема ред и поредок и дисциплина), плус сите зборуваат во исто време или се слуша одложено или испрекинато и… знаете што сакам да кажам. Некако, ова со групното ми е како задоволување на некои базични потреби, како џанк фуд, како брза храна. Вистинската храна, гурманската, е стариот добар телефон. Она кога ќе ти се вжешти увото од муабет со задоволство и со заборавање каде си и колку време си на телефон. Па така, во недостиг на блиски средби и гушкање, тоа е оброк со три „мишелин“ ѕвездички. Уникатен. Само за гурмани и добри познавачи. Со чаша добро вино. По можност црвено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот