Како Трамп и Бајден го поделија Холивуд

Profimedia

Ретко кој претседател на Америка крена толку прашина во Холивуд како милијардерот Доналд Трамп. Дури и за време на предизборната кампања беше јасно дека Холивуд нема да биде домашен терен за Трамп. Меѓутоа, Трамп, сепак, се всели во Белата куќа и стана 45-тиот претседател на Америка.

Политички јаз меѓу холивудските семејства

САД се длабоко поделени пред претседателските избори на 3 ноември, а таа поделба не ја заобиколи ниту „фабриката за соништа“ – Холивуд, пишува „Дојче веле“ (ДВ), додавајќи дека јазот ги дели и познатите холивудски семејства.

Актерката Анџелина Џоли постојано го критикува Трамп, додека нејзиниот татко Џон Војт отворено остро го критикува Џо Бајден и вели дека Трамп мора да победи.

Анџелина Џоли/Instagram

И во семејството Болдвин има таков јаз. Стивен Болдвин, најмладиот член на актерското семејство, е деклариран обожавател на Трамп, додека неговиот постар брат Алек веќе со години го исмева американскиот претседател.

Ѕвездите за Бајден

Во меѓувреме, претседателскиот кандидат Џо Бајден ја доби поддршката на многубројни холивудски ѕвезди, но сепак, постојат и оние што се на страната на Доналд Трамп.

Трамп стана цел на критики на многу холивудски ѕвезди: Мерил Стрип, Алек Болдвин, Мадона, Леди Гага, Ештон Качер, Мајкл Мур, Роберт де Ниро, Барбра Стрејсенд, Том Хенкс, Селена Гомез, Леонардо Дикаприо…

Така, по победата на Трамп, Мадона изјави дека „ќе фрли бомба врз Белата куќа“, додека Леди Гага го нарече Трамп расист. Кралицата на поп-музиката во 2015 година изјави дека ако Трамп победи на изборите, ќе се пресели во Европа, бидејќи, како што рече тогаш, не може да поднесе расист како него да седи во Белата куќа.

профимедиа

Барбра Стрејсенд на Твитер го критикуваше Трамп, наведувајќи дека тој во ноември, кога се закажани изборите, мора да биде победен. Додека, пак, Леди Гага претходните денови го претвори својот профил на Инстаграм во пропаганден канал за гласање, на кој постојано им порачува на своите следбеници да излезат на изборите и да го сменат Трамп.

Дефинитивно најголем противник на Трамп во Холивуд е Роберт де Ниро, кој не одбира зборови кога го навредува актуелниот претседател.

Ѕвездите за Трамп

Сепак, некои добро познати имиња во филмскиот свет, какви што се актерот Џејмс Вудс или комичарката Росана Бар, отворено го поддржаа Трамп. И рокерот Кид Рок исто така отворено го поддржува републиканскиот кандидат. На страната на сегашниот претседател е и славниот Чак Норис.

Од друга страна, сосема неочекувано, Доналд Трамп доби поддршка од рап-легендата 50 Сент. Раперот го критикуваше даночниот план на демократскиот претседателски кандидат на САД, Џо Бајден, и ги повика своите 26,2 милиони следбеници на Инстаграм да гласаат за актуелниот претседател Трамп. Познатиот рапер „се заканува“ дека ќе гласа за републиканскиот претседател, и покрај фактот дека „Трамп не ги сака црнците“, за да го избегне потенцијалното зголемување на даночната стапка за 62 отсто, а која според планот на Бајден ќе ги погоди само оние што најмногу заработуваат.

Можеби најпознатата династија на шоу-бизнисот, семејството Кардашијан/Вест, е поделено. Додека полусестрата на Ким Кардашијан, Кајли Џенер, отворено ги симпатизира демократите, раперот Канје Вест и неговата сопруга Ким Кардашијан се чести гости во Белата куќа во последните неколку години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот