Како националистите го растураат општеството

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Практично, а тоа е општо место, нашите националисти никого и ништо не гледаат освен себеси и своите „мешиња“. Другите – сакале или не сакале – ќе бидат туѓо тело во стариот и расипан груевистички свет.

На дебатата на Канал 5, во емисијата „Само вистина“, помеѓу Џабир Дерала, репрезентативен борец за човекови права, и Богдан Илиевски, алијас „Бетмен“, забележав еден детаљ. Кој е – сигурно се прашувате. Тој детаљ ни го кажува следното: преку што популистите го растураат и делат општеството? Се одрекуваат од легитимноста на значаен дел на општеството, го прогласуваат за некој вид „туѓо тело“, вештачки накалемено на „стариот и добар“ националистички организам.

Жан-Вернер Милер многу интелигентно инсистира на една итра и демагошка, а притоа дискриминаторска поделба која популистите – и кога се во опозиција, а уште повеќе кога се власт – ја воведуваат во општеството, една флоскула што ја нарекуваат „странски платеници“ или неретко „отуѓена елита“, а од друга страна, тие (читај: популистите) себеси се сметаат за „вистински народ“. Ако вие мислите дека тие мислат на 50 богати и на сите останати сиромашни, многу погрешно мислите. Тие – популистите – мислат на нешто сосема друго. Според кој критериум тие се „вистинскиот народ“, а ние сме „странски платеници“? Според образованието или според некој вид поредок за кој вие се залагате, а уште вие не се воздржувате да го кажете таквиот став, а тој став му се спротивставува на популистичкиот „сет вредности“.

Во приватниот живот вие може немате да платите кирија, или рата за кредит, или може возите само точак, немате фенси џип и слични ефемерии, ама држите вредно до своите ставови, и таквите гестови за нив претставуваат „странско платеништво“.

Добро, море, Јовановиќ, ама зошто е важно како популистите го растураат и го делат општеството? Затоа што тие, всушност, некогаш имплицитно, а неретко експлицитно се одрекуваат од легитимноста на значаен дел од општеството, прогласувајќи го за туѓо тело, за вештачки накалемено на стариот и „добар“ националистички меур. А се бранат така што ќе го испуштат накалемениот „отров“ од себе. Тоа е токсична „прераспределба“ која има потенцијал да стане и владејачка парадигма, дури има сила повторно да ја растури земјата на милион парчиња, да ги отруе сите цивилизациски вредности за кои толку тешко се боревме сите овие години.

На ист начин се обидуваат денешните епигони на Мицкоски. Дури сум сигурен дека се согласува со ставовите на Виктор Орбан, другарчето на Груевски, кога вели: јас се залагам за илиберална демократија. Само што вистината е дека тоа не е демократија. Е, сега влегува оној дел во кој вие повторно велите: добро, море, Јовановиќ, каква врска има тоа со нашето секојдневие? Има, и тоа како има, почитувани пријатели. Ќе те „земат“ приватно, односно лично, ќе ти го конфабулираат и претумбаат животот на милион завртки, ќе те исмеваат на Фејсбук, сите нивни парапортали, а тоа не е ништо друго освен една банална и карикатурална проекција на себеси во која самите се проектираат преку другиот. А, тој другиот, ќе прашате, што ќе биде со него? Всушност, не постои тој другиот, па со самото тоа не може да стане ни збор за „проекција“. Сево ова, почитувани, е пример како работи машинеријата (или менажеријата) и како проектираат свест за себе популистите, така што таквиот свет секогаш е теснограден, клаустрофобичен, себичен и во конечноста – насилен.

Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски. Со сигурност знам дека не само општеството, туку и самите странци – нашите западни сојузници – се разочарани од тоа како таа партија го гледа нашето општество, граѓаните и светот. Практично, а тоа е општо место, нашите националисти никого и ништо не гледаат освен себеси и своите „мешиња“. Другите – сакале или не сакале – ќе бидат туѓо тело во стариот и расипан груевистички свет.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот