Како Јакимовски ќе ја доврши новата општинска зграда кога изграденото досега отстапува од проектот?

Проблемот со доизградба на овој објект не беа парите, туку фактот дека она што досега е изградено отстапува од проектот, Фото: Фејсбук

Новиот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска најави дека ќе побара од општинскиот Совет во буџетот за следната година да се обезбедат пари за довршување на изградбата на новата општинска зграда за да може во текот на 2022 година објектот да биде пуштен во употреба.

-Утрово дојдов да ја видам општинската зграда. За жал забележав дека некаде прокиснува. Така е кога нема луѓе во некој објект, тој пропаѓа. Ќе се потрудам на седница на Совет со новиот буџет да обезбедиме средства за оваа зграда и наредната година да ја пуштиме во функција – рече Јакимовски.

Но, како што е познато, проблемот со доизградба на овој објект не беа парите, туку фактот дека она што досега е изградено отстапува од проектот.

-Сакаме да ве информираме дека во тек е постапка  за измени во тек на градба, што е согласно законите – одговараат кусо од Општина Карпош на прашањето од „Слободен печат“ како планира градоначалникот Јакимовски да ја доврши новата општинска зграда кога изградбата е запрена затоа што објектот отстапува од проектот.

Претходното раководство, на чело со градоначалникот Стефан Богоев четири години се обидуваше да најде решение како да се доизгради новата зграда каде требаше да биде сместена општинската администрација, затоа што она што е веќе изградено отстапува од проектот врз основа на кој е добиено одобрението за градба. Со цел да се надминат пречките и да се дојде до решение со кое би се откочил процесот на изградба, во Општината беше формирана работна група која требаше да ја провери целата документација во врска со новата општинската зграда.

Во септември годинава од Карпош информираа дека работната група, составена од стручните служби на општинскиот Секторот за урбанизам направиле увид и ја провериле целокупната документација.

-Со оглед на тоа што веќе постоечкиот објект (новата општинска зграда) отстапува од основниот проект, во тек е постапка за изработка на нов проект. Откако стручните лица ќе го изработат проектот, за него ќе биде поднесено барање до Министерството за транспорт и врски, со цел завршување на општинската зграда – тврдеа тогаш во Карпош.

Дали во меѓувреме е изработен нов проект и доставен до надлежното Министерство, нема конкретен одговор од Општина Карпош.

Јакимовски: Новата општинска зграда во функција од следната година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот