Фото: PickPik

Дали знаете зошто децата прво велат „мамо“?

Пред првиот збор, пред првата имитација, пред првиот обид да се каже нешто, има многу огласувања.

Тоа огласување е спонтано, зависи од состојбата на детето (сонливо, будно, весело, вознемирено, плачливо, исплашено…), како и од развојот на грубите и фините моторни вештини (колку е детето моторички позрело, дотолку ќе има и подобар начин на огласување).

Кој е првиот збор?

Првиот збор е комбинација од гласови со значење. Детето тогаш ја користи истата комбинација на гласови за да именува една личност или едно работа. Првиот збор во повеќето случаи е именка. Најчесто тоа е зборот „мамо“.

Зошто баш „мамо“? Да почнеме со фактот дека бебето од првиот ден е најмногу фокусирано на мајката. Мајката ги задоволува повеќето од потребите на бебето, бебето поминува повеќе време со мајката, бебето е насочено на мајката и често го слуша зборот „мамо“ преку оваа интеракција. Зборот „мамо“ се состои од еден двоен слог. А гласовите од кои се состои спаѓаат во видливи гласови, бидејќи гласот „м“ го изговараме кога ги затвориме усните, а гласот „а“ кога ги отвораме усните. Поради тоа се лесни за имитирање, објавува „Стетоскоп“.

За да го поттикнеме детето да нè слуша и да се обиде да нè имитира, треба да изговараме кратки звучни зборови коишто ќе го привлечат вниманието на детето. Тоа може да бидат огласување на животни (ономатопеја) или звуци од природата или можете да измислите свои звуци.

Зошто се важни звучните зборови?

Зошто токму кратките звучни зборови? Детето штотуку го запознава светот околу себе и различни работи го привлекуваат неговото внимание, па затоа е потребно прво да го привлечеме неговото внимание. Распонот на внимание на детето е краток, па кога ќе го привлечеме неговото внимание, треба брзо и да го искористиме. Моторичките вештини на детето се во развој, така што говорните органи не се доволно спретни ниту брзи за долги и комплицирани зборови. Кратките звучни зборови најчесто се составени од гласови што спаѓаат во видливи (ги гледаме движењата на усните и јазикот при нивното изговарање) и кои потоа се полесни за изговор од страна на детето. Повторувањето на еден слог повеќепати му дава можност на детето да учи побрзо и полесно преку повторување.

Не можеме да очекуваме зборот „автомобил“ да биде меѓу првите зборови на детето, но можеме да очекуваме „брррм“ или „би-би“.

Пример: додека гледате животни од фарма, наместо да ги именувате (крава, коњ, кокошка), привлечете го вниманието на вашето дете кон нивната објава (муууу, нииииии, пи-пи-пи, кој-кој-кој).

Пример: Додека му помагате на детето да се симне по лизгалка во паркот, можете да кажете „виииииии“ за да го опишете спуштањето.

Пример: додека ја удирате топката со детето, можете да кажете „Опа-Опа-Опа“ или „Туп-Туп-Туп“.

Предуслови за успех во оваа активност:
– бидете интересни
– не барајте од детето да го повтори зборот по вас
– застанете за да му дадете можност на детето да комуницира.

Важно е постојано да го користиме истиот збор за една активност или едно лице/предмет. На пример, можеме да кажеме „бррм“ или „би-би“ или „тоо-тоо“ за автомобил, но важно е да се одлучиме за еден од овие три звуци. Зошто е важно? Детето е во процес на учење, не треба да биде бомбардирано со многу зборови и многу различни начини за именување на истото нешто/лице/активност. Откако ќе научи еден збор и неговото значење, лесно ќе го прошири својот вокабулар со други зборови.

Ханен центар

Текстот е создаден врз основа на советите на Ханен за родители на деца кои доцнат во развојот на говорот и јазикот. Ханен центар е непрофитна организација од Канада посветена на помагање на децата да комуницираат најдобро што можат. Постои од 1975 година, кога беше развиена програма „Потребни се двајца за разговор“, која ги обучува родителите како да му помогнат на своето дете да комуницира. Ханен центар обучува логопеди ширум светот за спроведување лиценцирани програми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот