ЈП Тетово Транспорт не може да застане на здрави нозе, дивите превозници му го земаат „лебот“

Општина Тетово со нов план за лошата финансиска состојба во која се наоѓа ЈП Тетово Транспорт. Претпријатието ќе добива по 150 денари од општинската власт за секој поминат километар.

„Направивме еден план со кој ќе се субвенционира ЈП Тетово Транспорт, значи ќе се направи правилник и за секој поминат километар општината ќе дава субвенција на претпријатието во вредност од 150 денари. Овој пример е земен по контактите и консултациите со Тирана, Приштина, Скопје и Охрид. Со овој правилник мислиме дека за оваа година ќе немаме потреба да даваме поддршка на ЈП Тетово Транспорт на секои четири месеци“, рече Бесарт Дурмиши Претседател на Советот на Општина Тетово.

Од опозиционата советничка група на СДСМ, велат дека на секоја седница општината носи одлуки за субвенционирање на одредено јавно претпријатие. ЈП Тетово Транспорт може да застане на здрави нозе, но, ако инспекциските служби се на терен и ја спречат нелојалната конкуренција од страна на дивите такси превозници.

„Континуирано веќе десетта седница по ред, точка на дневен ред е помош на некое општинско претпријатие, така е и на денешната седница за помош на ЈП Тетово Транспорт, само се доделува помош на некое претпријатие. Тоа е резултат на недомаќинското работење на оваа општинска власт и се надевам дека ќе дојде моментот кога ќе разговараме за затворање на ова претпријатие или за преструктуирање. Според нас ова е резултат на немање на контрола од страна на инспекциските служби, кои ги толерираат дивите превозници кои нашиот град го имаат окупирано. Се надевам дека може да се доведе во ред функционирањето на ова претпријатие и сите граѓани на Тетово да видиме благодат, а не да разговараме за финансиска помош , а тоа се пари од нас од граѓаните“, истакна Глигорие Стојановски, советник во Советот на Општина Тетово од советничката група на СДСМ.

Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ повеќе од две години откако е оформено опстојува со финансиска помош од општинската каса. Неодамна на седница на Советот на Општина Тетово, се донесе одлука да се субвенциоира претпријатието со 4 милиони денари, колку што било во загуба во текот на 2022 година.

Десет години градските власти најавуваат ефикасен транспорт за граѓаните. Петте градски автобуси беа промовирани пред две години. За нив општината плати 720 000 евра , но наместо на коловозите, тие беа 8 месеци гаражирани, со образложени дека треба да се создадат услови, за да започнат да превезуваат патници.

ЈП „Тетово Транспорт“ работи со големи загуби, градските автобуси возат полупразни

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот