Јовески и Ковеси потпишаа Работен договор за соработка со Европското јавно обвинителство

Обвинителот Јовески и Ковеси/Фото: ЈОРМ

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска во Луксембург потпиша Работен договор за соработка со Европската главна обвинителка Лаура Кодрута Ковеси.

Документот има за цел да ја олесни меѓусебна соработка и размената на информации меѓу двете обвинителства за да се обезбеди ефикасна истрага и гонење на сторителите на кривични дела, особено кога станува збор за злоупотреби на финансиски средства од европските фондови.

Со договорот е предвидено Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Европското јавно обвинителство да ги разменуваат сите стратешки информации во нивна надлежност. Европското јавно обвинителство воспоставува и своја контакт точка во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

„Во ова време на глобални финансиски и економски предизвици со кои сите сме соочени, јавните обвинителства и истражните органи воопшто, исто така имаат обврска да вложат максимални напори за да се спречи секоја злоупотреба на буџетски средства. Меѓутоа, финансискиот криминал ги надминува националните граници на државите и само со меѓусебна соработка и заедничка акција можеме навистина да се справиме со злоупотребите“, изјави Јовески при потпишувањето.

Со документот потпишан денеска се предвидува двете обвинителства да одржуваат состаноци на високо ниво, како и технички состаноци на оперативно и административно ниво. Договорот ја воспоставува и можноста двете јавни обвинителства во иднина со посебни договори да формираат и заеднички истражни тимови.

На потпишувањето во седиштето на Европското јавно обвинителство присуствуваа и јавниот обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија Џељаљ Бајрами и вршителот на должност шеф на Мисијата на Република Северна Македонија во ЕУ Миле Прангоски.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот