Прва академски час на УКИМ / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Јаневска: Време е за квалитет, а не само квантитет во високото образование

Во време на економски, технолошки и општествени предизвици, потребни се универзитети кои покрај со знаење и вештини, ги подготвуваат студентите за работа во услови на глобална конкуренција и чести промени. Законите, сами по себе, не можат да однесат универзитет повисоко на Шангајската листа, но, ако академската заедница прво се вклучи во нивното носење а потоа и ги почитува, ќе може да изградиме поквалитетно високо образование.

Ова денеска го изјави министерката за образование и наука во обраќањето на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, што го организираше Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

– Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина – изјави Јаневска.

Таа потсети и дека е зголемен мониторингот на универзитетите, но и дека активно се работи на нови закони за високото образование.

-Затворивме 14 т.н. научни приватни институти и една високообразовна установа. Работиме на нова стратегија за образование и првпат во Македонија има сериозна посветеност и од Владата и од Универзитетот за создавање на првиот научно-технолошки парк во Македонија. Уверувам дека и понатаму остануваме партнери на универзитетите, факултетите, другите институции, за да работиме на квалитетот на високото образование. Активно работевме на два нови закона – за високо образование и за научно-истражувачка дејност. Но, самите закони напишани на хартија не можат да придонесат ниту за подобрување на квалитетот, ниту за поткревање на нашите универзитети на Шангајската листа, Па, оттука, ако ги почитуваме законите, кои треба да ги донесеме заедно со академската фела, на која и тие работеа, ќе постигнеме многу повеќе од она што сега го имаме, а што ни е цел за во иднина – истакна министерката.

Таа најави сериозна реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование за која, исто така, ќе има нов закон. На професорите им порача заеднички да ги направат тешките реформи и во високото образование.

-Ги замолувам активно да се вклучат во сè, да пишуваат трудови, да помогнат во дигитализацијата, да создаваат квалитет во своите установи, да аплицираат многу на проектите од „Хоризонт“, да создаваат двојни дипломи, да се вмрежуваат, да работат во европската ареа на истражување, сè што треба да се направи, не само за да се поткренеме на Шангајската листа, тоа е помалиот ефект, за да дадеме сериозно влијание во општеството и да помогнеме на нашата држава да стигне таму каде што и е местото – да обезбеди европски стандарди и да ги приспособи своите студиски програми за да ги подготви студентите за пазарот на трудот – истакна Јаневска.

Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова соопшти дека минатата година и половина многу работеле на овој процес бидејќи, рече, управувањето со квалитет на Универзитетот е една од нивните три основни стратешки цели, покрај дигитализацијата и интернационализацијата.

-Го направивме Правилникот за управување со квалитет на УКИМ, согласно Националниот правилник за стандради во високото образование, ја направивме Стратегијата за управување со квалитет за Универзитетот 2024-2029 и Водичот за квалитет, дополнително воведовме алатки за планирање, мониторинг и за реализација на резултатите од годишните акциски планови, и на Универзитетот и на секоја од единиците – рече Ангелова.

За тековната учебна 2025/2026 година, посочи таа, вовеле и нови метрики кои ќе ги следат во наредниот период – број на објавени трудови со импакт-фактор, број на аплицирани меѓународни проекти, како и број на мобилнисти – и на студенти и на наставници, како индикатор за следење на интернационализацијата.

-Го имаме и Годишниот акциски план за 2025 година, кој претставува практично сублимат на сите единици на УКИМ, со што покажуваме дека Универзитетот се интегрира, се менува и трансформира како единствен и интегриран, дека не сме центар и 28 единици како што вообичаено знаеме да кажеме за УКИМ – додаде Ангелова.

Во однос на дигитализацијата, која е една од трите стратешки цели на УКИМ, соопшти дека е при крај од реализацијата – првата фаза од процесот е завршен и компелтно се дигитализирани сервисите за студентите кој опфаќа и електрински индекс, а од почетокот на идната година ќе следува втората фаза.

-И интернациоанализацијата напредува со добро тепмо – додаде Ангелова, посочувајќи дека е зголемен бројот на мобилности, како и на странски студенти на УКИМ – оваа година се запишале над 300.

За третата цел – квалитетот, ректорката смета дека треба да се зголеми бројот на објавени трудови со импакт-фактор за да се зголеми рангот, за што, рече, се создадени предуслови со овозможениот пристап од Владата и МОН до научните бази Web of science и Scopus, а потребно е, рече, и да се зголеми квалитетот и интензитетот на практичната настава на студентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот