Јакимовски: „Пата-пата“ во Карпош, одиме во втор круг
Актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, потврди дека и овојпат ќе влезе во изборна трка за вториот круг на локалните избори на 2 ноември, каде што ќе се соочи со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски.
Препорачано
– Над 40 отсто од гласовите се веќе преброени и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ води со 266 гласови. Тоа е речиси пата-пата ситуација. Волјата на граѓаните во Карпош е јасно изразена — опозициските гласови се речиси двојно повеќе од оние на владејачката партија – изјави Јакимовски.
Тој им се заблагодари на своите противкандидати и изрази уверување дека граѓаните на Карпош ќе го изберат, како што рече, „внимателното работење и знаењето“.
Јакимовски очекува подобар резултат на советничките листи, но смета дека ниту една политичка сила нема да освои мнозинство во Советот.
– По изборите ќе следуваат преговори за негово формирање. Апелирам до сите советнички групи да бидат максимално одговорни. По победата во вториот круг, дел од програмските заложби на моите противкандидати ќе ги имплементирам во интерес на граѓаните – рече тој.
Во изјавата за медиумите, Јакимовски упати и критика до ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека кампањата не била фер.
– Не може да се очекува коректна кампања од ВМРО-ДПМНЕ — имаше делење брашно и поткуп со пари. Таквите практики се минато и крајно нечесни кон граѓаните на Карпош. Сметам дека мора жестоко да се санкционираат оние кои вршат поткуп врз социјално загрозени лица, особено во населбата Злокуќани – додаде тој.


