Извештај на ФЗОМ: Пациент во болница лежи просечно 5 дена
Во 2025 година во 62 здравствени установи во Македонија се остварени околу 194 илјади болнички лекувања. Просечното болничко лекување е малку под пет дена и го чинело здравствениот систем 32 милијарди денари, според најновиот аналитички извештај за болничко лекување во 2025 година во Македонија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Раст на болнички случаи има кај очните болести и кај болестите на мускулно скелетниот систем – над 20 проценти. Тоа се должи на обидот да ги намалиме листите на чекање за катаракта и за планираните операции за колкови и слично. Во 2025 година паднати се хоспитализациите за кардиоваскуларни болести за 3 проценти. Треба да видиме дали е тоа тренд на намалување на овие болести што би не израдувало. Имаме пад на хоспитализациите поврзани со бременост и породување од 7,5 проценти што повторно е одраз на демографските промени што се случуваат, изјави директорот на ФЗОМ Сашо Клековски.
Во однос на сложеноста на болничките случаи, хирургиите се издвојуваат по комплексноста на работата.
-Има напредок во 9 од 12 општи болници што е за поздравување. Од клиничките болници најголема сложеност покажува Клиничката болница Штип, а имаме најголем напредок во Клиничката болница Битола. ГОБ „8 Септември“ иако е формално општа болница, работи на ниво на клинички центар и работи сложени интервенции, додаде Клековски.
Тој посочи дека треба да се направат дополнителни проверки дали падот на хоспитализации за кардиоваскуларни болести е случајност или пак е дел од тренд што натаму треба да се анализира.
-Растот на интервенции кај мускулно-скелетни и очни болести делумно е поради одлагањата на тие интервенции за време на ковид пандемијата кога се работеа само итни случаи, рече Клековски.
Според него, здравствениот систем има организациски проблеми, односно не секогаш се оптимизира распоредот на доктори и на средства за болничките случаи. Клековски објаснува дека тоа што е потребно е оптимизација на здравствениот систем – општите болници да работат посложени интервенции. Згради има доволно, но треба да се дистрибуира здравствениот кадар како што треба. Клековски рече дека во Куманово има 25 хирурзи а нема анестезиолог. За здравство се издвојуваат 13 проценти од буџетот на Македонија и со тие средства и со постојните ресурси треба да се направи добра организација за максимални ефекти, посочува директорот на Фондот.
-Некаде има доктор а нема средство, некаде има средство нема доктор. Некаде има се, а нема листа за чекање, некаде има недостаток а има листа на чекање. Во основа брзо ќе ја објавиме анализата за областите со поплаки – катаракти и колкови, посочи првиот човек на ФЗОМ.


