Израелската „магија“ тешко ќе ја стигне Македонија

Израел излегува од корона-битката како победник, зашто бројот на заразени во оваа земја падна драстично меѓу оние што се вакцинираа. Успешната вакцинациска програма може брзо да ја заузда пандемијата, како што покажаа студии од оваа земја, кои покажуваат дека бројот на хоспитализации и заразени меѓу вакцинираните почнал да опаѓа драматично, ефект што земјата го опишува како „магија“.

Израел е прва земја во светот со стапката на вакцинација – сега светот ги гледа резултатите

Колку вакцини се потребни истата ,,магија“ да се случи во Македонија, колку вакцинирани граѓани треба да има, кој треба да ги прими и во колкав временски период за да почне да се стабилизира пандемијата и да се оквалификува како завршена?

Епидемиологот, проф. д-р Драган Даниловски, за „Слободен печат“ математички пресмета дека во совршени услови, со дневна динамика од 2.500 вакцини, граѓаните би се вакцинирале за 155 дена со првата доза. Но, овој период ќе биде подолг зашто треба да се боцка и со втора доза.

Проф. д-р Драган Даниловски

– Максималниот капацитет на вакцинирање е 2.500 луѓе на ден. Имаме 32 илјади здравствени работници, од кои 6.200 се лекари. За да се вакцинираат сите, ќе бидат потребни 13 дена. Проценката е дека досега контакт со вирусот имале околу 700 илјади луѓе. Според најнова израелска студија, сите тие, дури и ако немаат антитела, сепак ретко ќе се заразуваат по вторпат зашто ги штити клеточниот имунитет. Затоа во оваа фаза нема потреба да се вакцинираат. Реалниот број на население е 1,6 милиони. Ако се одземат 700 илјади, остануваат 900 илјади. Имајќи предвид дека британскиот мутант е позаразен и сигурно ќе стане доминантен до крајот на март, прагот на колективен имунитет потребен да се сопре епидемиското ширење, треба да биде најмалку 75 проценти, а не 60 колку што требаше со стариот сој. Тоа се 1 милион и 200 илјади луѓе. Ако се одземат 700 илјади, луѓе остануваат 500 илјади. Од нив, 22,5 проценти се млади под 19 години што не подлежат на вакцинација. Преостануваат 387.500. Со дневна динамика од 2.500 вакцинирани, тие би биле вакцинирани за 155 дена. Ова е пресметка за давање само на првата доза. Се разбира овој период пропорционално ќе биде подолг, имајќи предвид дека на секој граѓанин треба да му се даде и втора доза. Ова е група апроксимација под претпоставка дека е точно дека 700 илјади луѓе прележале досега. Инаку, постари од 65 години се околу 290 илјади луѓе – изјави Даниловски.

Епидемиологот доктор Александар Стојанов ни рече дека спласнувањето на пандемијата ќе потрае.

д-р Александар Стојанов

– Израел прва ги доби вакцините и влезе во истражувањето на третата фаза на „Фајзер“. Во Македонија треба барем 50 проценти од населението да биде вакцинирано за да има успех, и тоа од сите возрасни групи, независно. Ризичните групи најлесно можат да се заразат, но треба сите да се вакцинираат зашто другите се носители. Гледаме дека во Србија, иако вакцинираше голем број граѓани, сепак уште им растат бројките. Кај нас откако ќе се вакцинирате, не ја добивате веднаш втората доза, туку по некое време, а јасно е дека по втората доза потребни се до месец дена за да се подигне имунитетот кај вакцинираниот. Не може веднаш да спласне епидемијата по вакцинацијата. И да се вакцинираме, ќе треба да носиме маска, да држиме растојание и да миеме раце. Вакцините можат да ја ублажат пандемијата, не да ја прекинат. Ќе прекине кога ќе вакцинираат 80 проценти од граѓаните. Нема дефинитивно решение. Ова е алатка за ублажување. Еве и во Израел, точно е дека по вакцинацијата има намалена смртност, но повторно имаат случаи, значи епидемијата и таму не е прекината. Ова ќе потрае – посочи доктор Стојанов.

Има многумина што не сакаат да се вакцинираат

Микробиологот проф. Д-р Никола Пановски вели дека Македонија тешко ќе го постигне капацитетот на вакцинирани што го има постигнато Израел и дека потребно е наместо најавените 2.500 луѓе дневно, да им се даваат вакцини барем на 5.000 луѓе дневно. Тој исто така рече дека не може да се избегне фактот што ќе има граѓани што не сакаат да се вакцинираат.

Проф. д-р. Никола Пановски

– Треба да сме свесни дека има луѓе и над 70 години кои не сакаат да се вакцинираат. Моите пресметки се дека со 2.500 вакцини дневно ќе оди бавно, и со втората доза до септември би имале вакцинирано 250 илјади луѓе, главно здравствени работници и луѓе над 65 години, зависно од одѕивот. Но, треба да се вакцинира со поголем интензитет, 2.500 дневно се малку. Ако го удвоиме бројот на дневни вакцинации на 5.000, тогаш до септември ќе имаме вакцинирано 450 илјади граѓани. А ако одиме со интензитетот од 2.500 вакцинирани дневно, тогаш ќе ни треба цела година за да дојдеме до 450 илјади вакцинирани граѓани. За пет дена Израел го направил тоа што ние би го направиле за една година – вели Пановски.

Во Израел имунизирано една петтина од населението за месец и пол

Во Израел вакцинацијата почна на 20 декември. До крајот на јануари, 33 проценти од популацијата ја прими првата доза од фајзеровата вакцина, а 19 проценти од населението ја прими и втората доза од истата вакцина. Во моментот кога почна да се администрира оваа вакцина, земјата беше во третиот бран на ковид-19 со удвојување на бројот на хоспитализирани и заболени. Иако Израел спроведе локдаун на 8 јануари, тоа не помогна, но вакцината беше пресвртница.

Вакцината во Израел ја примија повеќе од милион и двесте илјади лица над 60 години. Анализата покажа дека од оваа возрасна група бројот на заразени по вакцинација се намалил за 28 проценти, само 13 дена по првата доза, а процентот на заразени по втората примена доза паднал за 80 проценти.

Израел е прва земја во светот со стапката на вакцинација – сега светот ги гледа резултатите

Единечна доза од вакцината на Фајзер 92 проценти ефикасна, покажа истражување од Израел 

Израел „скова“ план како да ги мотивира граѓаните да се вакцинираат: Се ограничува пристапот до кафулиња, култура и ред други рестрикциии

Вакцинацијата го намалува ризикот од пренесување на вирусот, тврдат израелски научници

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот