Измешаните надлежности го оставија калливото земјиште на „Трета македонска бригада“ неуредено
Иако местото треба да го уредува Општината и за неговата ревитализација не е надлежен Градот, дознаваме дека стопанисувањето со ова земјиште им припаѓа на градските власти, но местото не се „чепнува“ бидејќи според ГУП-от, на оваа локација треба да се гради нов булевар.
Жителите на зградите во Мичурин сместени крај булеварот „Трета македонска бригада“, поточно на потегот од крстосницата со улицата „Венјамин Мачуковски“ па сѐ до железничките пруги, подолго време имаат сериозен проблем со зелената површина зад станбените објекти што од зеленило преминале во кал и поради недоволниот број паркинг-места, во импровизирани паркиралишта што по секој дожд се претвораат во калливи мочуришта.
Препорачано

Граѓаните бараат реакција
Станува збор за речиси десет згради, но во најкритична состојба се трите објекти сместени близу крстосницата на булеварот со „Венјамин Мачуковски“, каде што зеленилото долго време е уништено, автомобилите се паркирани насекаде и земјиштето на некои места е пропаднато, па затоа жителите бараат реакција од Општина Аеродром и Градот Скопје за решавање на овој проблем, односно за повторно да се раззелени просторот, или, пак, веќе кога има дефицит за паркирање, местото да се пренамени во паркинг за станарите.
Во групите на социјалните мрежи граѓаните се пожалија дека површината наменета за пешаци е претворена во паркиралиште што го уништува изгледот на населбата и каде што, како што велат, десетина автомобила паркираат на земјена површина и калта ја разнесуваат на тротоарот.
– Проблем со паркирање во земјена површина во Мичурин во делот покрај „Трета македонска бригада“. Станува збор за неасфалтирана површина што со децении служи како паркинг-простор при што 10-ина возила паркираат во земјена површина, а исто така се разнесува кал и земја по тротоарот кон булеварот од каде што возилата се прекачуваат кон овој дел – се вели во објавата на профилот „Скопскодете“.
Оттаму побараа итно и трајно решавање на овој проблем и уредување на просторот или, пак, привремено затрупување на земјата со песок или гребен асфалт со што драстично би се подобрил изгледот на шеталиштето покрај овој дел од булеварот „Трета македонска бригада“.
– Доколку во скоро време не може да се изнајде конечно решение за уредување на овој дел, тогаш би можело да се размислува кон некое времено решение со посипување песок или гребен асфалт со цел надминување на оваа лоша слика и состојба во населбата – додаваат во објавата.

Земјиштето е под Град Скопје, но надлежна е Општината
„Слободен печат“ за овој проблем најпрвин ја контактираше Општина Аеродром, земајќи предвид дека местото е во населбата Мичурин и е сместено во последниот ред на згради. Ги прашавме дали имаат план за ревитализација на калливата површина со одредена зелена површина или, пак, сосема спротивно, нејзино асфалтирање и пренамена во паркинг.
Од локалната самоуправа ни посочија дека според Деталниот урбанистички план, државното земјиште зад зградите во Мичурин не е во надлежност на Општината, туку е под капата на Градот Скопје.
– Во однос на вашите прашања поврзани со просторот зад зградите на улицата „Венјамин Мачуковски“, ве информираме дека предметната локација не е во надлежност на Град Скопје – велат од Општината.
Потоа се обративме до Градот со истите прашања, но нив дополнително ги прашавме и зошто не се постават метални столбови на тротоарот покрај „Трета македонска бригада“, кои ќе спречат „пресекување“ на тротоарот и пешачката патека за влез на импровизираниот паркинг, при што целосно ќе се спречи валкањето и калосувањето на пешачката патека.

Сепак, во однос на земјиштето што е претворено во една огромна каллива површина, од Градот за „Слободен печат“ одговорија дека таа локација е во нивна надлежност, но за нејзиното уредување, раззеленување и евентуална пренамена во паркинг, целосно е одговорна Општина Аеродром.
– За уредување на просторот, вклучително раззеленување или уредување на паркинг, надлежна е општината, која тоа го реализира преку изработка на детални урбанистички планови, како и соодветна проектна и техничка документација – велат од Градот.
Просторот ќе биде дел од нов булевар
Иако местото треба да го уредува Општината и за неговата ревитализација не е надлежен Градот, дознаваме дека стопанисувањето со ова земјиште им припаѓа на градските власти, но местото не се „чепнува“ бидејќи според ГУП-от, на оваа локација треба да се гради нов булевар.
– Станува збор за локација што е во надлежност на Град Скопје. Според Генералниот урбанистички план, на овој потег е предвидена изградба на новиот булевар „Борис Кидрич“ – објаснија од Град Скопје.
Иако Градот според ГУП-от планира одовде да ја проширува улицата „Борис Кидрич“, која ќе премине во булевар, оттаму не ни дадоа подетални информации околу овој проект, ниту кога би започнал, ниту како ќе се поврзува со постојната улица, но веројатно булеварот ќе крстосува со „Трета македонска бригада“ и ќе биде на потегот до крстосницата со „Кузман Јосифовски Питу“, а би поминувал веднаш покрај железничката пруга и покрај главната автобуска станица. Но, од Градот ќе побараме подетални информации за овој проект, кои би биле дополнување на веќе добиената потврда дека нешто се планира со овој каллив простор.

Градот поставува метални столбови, но некој ги откорнува
Исто така, на прашањето зошто не се поставуваат метални столпчиња на тротоарот со кои ќе се спречи нелегално преминување на возилата преку пешачката патека, од Град Скопје велат дека веќе неколкупати покрај булеварот биле монтирани столбови, но тоа било залудно бидејќи, како што велат, тие биле мета на вандализам. Сепак, од Градот нè информираа дека повторно ќе издадат налог за монтирање на овој тип метални столпчиња.
– Во однос на поставувањето метални столпчиња во должина на булеварот „Трета македонска бригада“, ве известуваме дека оваа активност е во надлежност на Град Скопје. Тие се поставуваат континуирано, но, за жал, во повеќе наврати се предмет на оштетување и вандализам. Сепак, ќе биде издаден нов налог за нивно повторно поставување на посочената локација – изјавија од Град Скопје.
Ова е уште еден случај во Скопје каде надлежностите помеѓу Градот и Општините се толку вмрежени, со што и двете институции си го вперуваат прстот една во друга, а граѓаните остануваат во „прашалници“.
Останува на видиме дали сега, кога веќе се знае кој за што е надлежен, Градот ќе ги постави металните столбови и ќе го спречи нелегалното качување и поминување преку тротоар, а Општината ќе излезе на терен и ќе направи привремена санација на земјиштето и, како што велат граѓаните, негово покривање со песок или друг материјал, со што просторот ќе биде уреден и чист сѐ до моментот на предвидената изградба на булеварот „Борис Кидрич“.


