Изложба што ја урива границата помеѓу субјектот и објектот

Во Музејот на современата уметност во Скопје на 23 септември, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ на уметницата Јана Јакимовска.

– Изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ е поглед фрлен наназад кон самата себе како човечко суштество, општествено битие, жена, мајка, уметница. Во фокусот на изложбата е телото, но како метафора за човечкото, профаното, нелагодното: телото старее, се дебелее; телото копулира, раѓа; телото крвари, умира; телото треба да се покрие, да се казни. Каде е границата меѓу мене и моето тело? Што е „јас“, а што телото? Како треба јас и моето тело да се чувствуваме во различни емотивни и општествени контексти? Кому телото му должи, кому му полага одговорност? „Ретро…“ не претендира да биде ретроспективна изложба бидејќи не е – таа само рециклира и реконтекстуализира некои веќе видени концепти, во обид да одговори на овие прашања – објаснува уметницата Јана Јакимовска.

Изложбата е со мултимедијален карактер и опфаќа дела од повеќе рецентни периоди од нејзиното творештво.

– Кај нас, феминизмот во ликовната уметност може да се проследи низ неколку индивидуални ликовни ангажмани кои пристапуваат кон актуелните проблеми со разновидни методолигии и неологизми. Една од најдоследните претставници на оваа струја во македонската современа сцена е, секако, придонесот на уметницата Јана Јакимовска, која речиси сиот свој визуелен опус од изминати 20 години го посветува кон третирање на разновидни проблеми поврзани со родовата еднаквост и социјалната инклузија на жената во „современото“ и „демократско“ општество. Една од главните карактеристики на феминистичкиот пристап на Јакимовска е вклучување на сите сетила во чинот на гледање и последователно уривање на границата помеѓу субјектот и објектот – појаснува кураторот Ана Франговска.

Станува збор за 21-ва самостојна изложба на Јакимовска и ќе биде поставена до 5 октомври 2022. Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со дигитална уметност, мурално сликарство, фотографија, инсталации, графички дизајн, илустрација и перформанс.

Во голем дел од рецентното творештво се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во современото општество. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот