Изложба на Октај Кочан во Тулуз од циклусот „Хуманоид“ : Идентитетот не е фиксен, меморијата е во постојана трансформација
Изложбата „Хуманоид“ црпи инспирација од анадолските мотиви, носители на културната и колективна меморија пренесувана со милениуми. Наместо носталгично враќање кон минатото, таа ги поврзува овие слоеви на меморија со современа естетика што ја одразува синтетичката и дигиталната атмосфера на нашето време
Октаj Кочан, уметник од македонско-турско потекло кој живее во Тулуз, Франција, се претставува пред своите сограѓани со изложбата „Хуманоид”. Тој ја истражува промената на нашиот однос кон минатото под влијание на дигиталната ера и технолошкото забрзување, а со тоа и начинот на кој го доживуваме сопствениот идентитет.
Препорачано

– Во светот каде што технологијата сè повеќе се вмешува во секојдневниот живот, човекот понекогаш ја доживува реалноста низ филтер. Тој се наоѓа во универзум каде што познатото почнува да станува туѓо. Тоа оддалечување од реалноста се појавува во форма на мали прекини во сликата, кои се понекогаш минливи, но понекогаш се почести. Овие благи прекини во меморијата го потсетуваат поединецот дека неговиот идентитет постојано се менува. Секој прекин станува еден вид мост наназад во времето, поврзувајќи ја сегашноста со минатото. На тој начин се раѓа чувство на постоење кое се движи помеѓу човечкото и „хуманоидното“. Човекот останува човек, но истовремено станува свесен за една доза на отуѓеност од себе – вели Кочан.

Изложбата „Хуманоид“ црпи инспирација од анадолските мотиви, носители на културната и колективна меморија пренесувана со милениуми. Наместо носталгично враќање кон минатото, таа ги поврзува овие слоеви на меморија со современа естетика што ја одразува синтетичката и дигиталната атмосфера на нашето време. Преку оваа визуелна средба, делата на Кочан создаваат впечаток дека минатото и сегашноста под влијание на дигиталната ера коегзистираат во едно исто тело и во еден ист миг. Изложбата не настојува да прикаже некаква футуристичка фантазија, туку да ја направи видлива трансформацијата на идентитетот што веќе се случува во сегашноста.
– Минатото не исчезнува, тоа само се преиспитува, реинтерпретира и преобликува од перспектива на сегашноста. Како што се менува перцепцијата на меморијата, така се поместува и идентитетот – нагласува авторот.
Кочан ја замислува оваа трансформација како мали „прекини“ во нашата колективна и културна меморија, создадени од дигиталната ера и алгоритмите. Во современиот свет проживеаните искуства сè почесто се регистрираат преку дигитални слики и видеа, а потоа тие циркулираат во дигиталниот простор. Според уметникот, во овој процес меморијата престанува да биде стабилен систем кој бавно се менува и таа се претвора во тек што се реинтерпретира, постојано реорганизира и забрзува.
– Со секој прекин, можеби се движиме помеѓу човекот и хуманоидот. Со секој прекин, се приближуваме сè повеќе до нашиот нов идентитет – објаснува уметникот.

Покрај сликите во масло, изложбата ѝ нуди на публиката и тридимензионални дела, како и инсталации создадени во дијалог со антиквитетни анадолски килими од исклучителната колекција на галеријата „Бјути оф килимз“ (‘Beauty of Kilims’) во Тулуз. Таа го повикува секој посетител да се постави помеѓу сегашноста и минатото, таму каде што се раѓа чувството на постоење што осцилира помеѓу човечкото и хуманоидното.
Октај Кочан е современ мултидисциплинарен уметник кој дејствува во Тулуз. Во своите понови дела тој се занимава со односите помеѓу колективната културна меморија, современиот идентитет, дигиталната ера и забрзаните технолошки трансформации. Тој комбинира различни медиуми, како што се платна во маслена техника, тридимензионални дела, инсталации и видеоарт. Со постојана желба да го обновува формалниот јазик на уметноста и изразните средства во секој нов проект, неговите последни истражувања се организирани околу два циклуса: „Хуманоид“ и „Социјална кожа“.


