Излезе од печат новиот роман „Добро утро, љубов!“ на Милена Лунеска

Писателката Милена Лунеска (Кичево, 1963), која по занимање е економист и долги години работи како раководител на семејна фирма, неодамна го објави својот најнов роман „Добро утро, љубов!“ во издание на „Збор“.

Приказната во романот се врти околу младата и успешна Дарија, која се враќа од Германија во родната Македонија и во својот роден град за да направи едно добро дело. Но, со враќањето, ги носи и своите куфери полни со тажни спомени, кои не ѝ дозволуваат да продолжи со животот онака како што таа посакува.

– „Добро утро, љубов!“ е најмалку љубовен роман. Тоа е дело посветено на болката, на несреќната љубов, на повредените чувства и на изневерената доверба – забележува рецензентот Срѓан Ивановиќ, кој во својот текст за книгата заклучува дека тоа е „роман што ѝ е потребен на македонската белетристика и еден од ретките во кој успешно е опишан менталитетот на обичниот човек, што е успех само по себе. Во претпоставената борба на доброто и злото, Лунеска ќе ве увери дека, всушност, никој не е зол, туку природата на нештата го води животот во непредвидлив правец, кој ни малку не е лесен. Животот го прават луѓето, а тие се несовршени, полни со љубов. Од друга страна, љубовта ја носи со себе страста која тешко може да се заборави. Но, како што и по најтемната ноќ зазорува зората, така и во најтешките мигови за една напатена душа, настапуваат денови на љубов и на среќа“.

Претходно објавени романи на Милена Лунеска се „Два часа“, „Исчистени души“ и „Ќерката на премиерот“, а покрај проза пишува и поезија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот