Излезе новата стихозбирка на Ристо Лазаров со наслов „Господ во бели патики“

Насловна корица на книгата / колаж

Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави најновата, триесет и шеста, стихозбирка на Ристо Лазаров, под необичен наслов „Господ во бели патики“. Како и последните десетина негови книги, и оваа содржи седум циклуси по седум песни плус една во вид пролог.

Поговор кон книгата напиша реномираната есеистка и професорка Лидија Капушевска-Дракулевска.

– Како исклучително динамичен и луциден дух, Ристо Лазаров сака да живее во склад со пулсот на своето време, сака да биде ангажиран автор (во сартровска смисла). И успева во тоа. Во текот на своите седум и пол децении животна авантура, овој наш реномиран поет ја исцртува сопствената поетска траекторија во духот на времето, од збирката првенец „Ноќна птица во паркот“ (1972), до најновата, триесет и шеста објава – „Господ во бели патики“ (2024).

Поезијата на Лазаров се соочува, одлучно и непоколебливо, остроумно и критички, со сите историски и актуелни цивилизациски подеми и падови, со националните и универзалните неправди и порази, како на пример, преку мемориската матрица за „гасните комори на Аушвиц“ („Црна песна“) или преку евоцираната судбина на Македонија со векови / претоварена со жални песни / и стрвни крлежи („Крлежи“), но исто така и преку реминисценциите за раскошната „водена вселена“ наречена „Титаник“ со која потонал стариот век додека величествено свирел бродскиот оркестар („Јарбол“) или преку пророчките визии за „новата апокалипса“, која подмолно ги тресе нашите и светските плоштади, а која е проследена со првите тактови на Бетовеновата Хероика („Апокалипса“).

Сеедно дали гледа во ретровизорот наназад – во историјата како прав, измешан со отров за глувци, „скриена ножица“ за кастрење на старите корени, но и луксузен салон („Отров за глувци“) – или пак кореспондира со виртуелната реалност – напиша Капушевска-Дракулевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 226, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот