Излезе книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов

Неодамна од печат излезе второто изменето и дополнето издание на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов, чие прво издание беше објавено во 2020 година.

Ова второ изменето и дополнето издание е посветено на 95-годишнината од смртта на, според многумина најзначајниот Македонец на XX век, Крсте Петков Мисирков, основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација, како и основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија и раководител на Тајниот македонско-одрински кружок – ТМОК.

Крсте Петков Мисирков – филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар“ и на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ која, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик. Но, и книга што претставува „Македонска национална програма“, која е актуелна и денес, речиси 120 години по нејзиното објавување.

Едноставно, како што истакна во своето интервју покојниот академик Блаже Ристовски, кој целиот свој работен век го посвети на животот и делото на Крсте Петков Мисирков, „да се зборува за Крсте Петков Мисирков денес значи да се зборува за најзначајната личност во новата национална и културна историја на Македонија. Тој е претставник на македонската интелигенција од крајот на XIX и почетокот на XX век и на Движењето, новото движење, како што го именува самиот тој, што претпоставуваше македонска нација, македонски јазик, македонска црква и македонска национална држава“.

Книгата содржи 20 радиоинтервјуа (разговори) со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 155, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот