Издавачот „Артконект“ објави книга со уникатен поглед во животот и уметноста на Ник Кејв
Непосредно пред концертот на исклучителниот музичар, поет, композитор и генијален уметник Ник Кејв, што ќе се одржи на 22 август во рамки на фестивалот „Скопје колинг“ во организација на продукцијата „Авалон“ на Стадион АРМ во Скопје, издавачката куќа „Артконект“ ја објави книгата „Вера, надеж и крвопролевање“.
Препорачано
Книгата „Вера, надеж и крвопролевање“ е создадена од повеќе од четириесет часа разговори меѓу новинарот ШонО’Хеган и музичарот Ник Кејв. Жанровски гледано, книгата претставува необична мешавина од автобиографија, мемоар, интервју, филозофска рефлексија и психоанализа. Авторите дискутираат за детали од животот и кариерата на Ник Кејв, осврнувајќи се на прашања за уметноста, музиката, верата, тагувањето, слободата и љубовта.
Покрај тоа што е значаен и почитуван уметник, Ник Кејв е автор што неверојатно успешно експериментира со уметничките форми, така што во неговото творештво се вбројуваат романи, филмски сценарија, керамички фигурини, филмска музика и, секако, дваесетина студиски музички албуми. Поради тоа, книгата особено се фокусира на работниот процес на Кејв, на неговата инспирација, на неговите размислувања за улогата што ја има уметноста во нашиот живот.
Од друга страна, книгата е искрено и длабоко дело во кое Кејв јавно и отворено зборува за сите случувања што му го промениле животот и го измениле неговиот светоглед, но и начинот на кој создава музика. „Вера, надеж и крвопролевање“ нуди уникатен поглед во интимниот живот на еден од највпечатливите уметници на нашето време.
Книгата „Вера, надеж и крвопролевање“ е во издание на издавачката куќа „Артконект“, а преводот од англиски јазик е на Ацо Пероски. Книгата е прва публикација во новата едиција „Нешто лично“ на оваа издавачка куќа. Книгата ќе може да се најде и на самиот концерт на Ник Кејв во Скопје.


