Издавачката куќа „Или-или“ организира книжевна средба со писателката Капка Касабова
Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје на 20 август (среда), во 20 часот, ќе се одржи „Книжевна средба со Капка Касабова“ во организација на „Или-или“, нејзиниот издавач на македонските изданија.
Препорачано
Низ разговор со авторката, творештвото на Касабова, со фокус на двете книги преведени на македонски, „Кон езерото“ и „Граница“, ќе го претстават Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела ќе зборува Бранислав Мирчевски.
– Оваа вечер ќе биде ретка можност за нашите читатели да се запознаат со бугарско-британската авторка, чии книги се преведени на многу јазици и за кои Касабова е добитничка на многубројни награди и признанија – истакнуваат од „Или-или“.

„Граница“ е документарно-поетски патопис низ балканскиот граничен појас меѓу Бугарија, Турција и Грција – простор обременет со историја, миграции и скриени приказни. Касабова се нурнува во митологијата, политиката и судбините на луѓето кои живеат во овие гранични зони, откривајќи еден свет кој е истовремено суров и магичен.
„Кон езерото“ продолжува во сличен дух, но се фокусира на Охридското Езеро и Преспанското Езеро – региони каде што се испреплетуваат природата, меморијата и историјата. Книгата е интимно патување на авторката низ земјите и луѓето околу езерата, вклучувајќи и нејзино лично семејно минато.
Со книгите „Еликсир“ и „Анима“ Капка Касабова ја заокружи т.н. Балканска тетралогија. Издавачот „Или-или“ и овие две книги ќе ги објави на македонски јазик.
Капка Касабова е родена во Софија, израсната во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата. Добитничка е на многубројни меѓународни книжевни награди.


