Избори во време на корона: Ќе се гласа на дистанца од два метра или електронски?

Фото: Слободен печат

Во јуни или јули во Македонија ќе се одржат десеттите по ред парламентарни избори на кои граѓаните ќе избираат нова власт. Се очекува, поради опасноста од заразата со Ковид 19, парламентанрите избори кои ни претстојат да бидат сосема поразлични од досега одржаните во самостојна Македонија. Партиските лидери веќе во вторник ќе се сретнат и ќе се обидат да ги испеглаат разликите околу изборниот ден.

Но што станува со изборната кампања и каква таа ќе биде.

Аналитичарот, кој постојано е дел од изборните процеси Петар Арсовски, вели дека изборните кампањи на политичките партии нема да изгледаат како претходните. Но, не смета дека изборите би можеле да бидат нерегуларни доколку не се одржат предизборните собири, митинзи, средби со граѓните. Вели дека кампањата може да биде регуларна и без јавните собири.

– Никаде не пишува дека изборните кампањи мора да се водат на начини кои досега ги практикуваа партиите, бидејќи многу луѓе поради коронавирусот се префрлија на социјалните мрежи, дури и оние кои никогаш до сега не биле. Нашето законодавство не ги диктира средствата во изборните кампањи, ниту наметнува некои средства, ниту ги забранува. Теоретски може да се спроведе без митинзи, без собири, дури и без реклами. Поради пандемијата и светскиот тренд се повеќе ќе доминираат електронски кампањи кои и без пандемијата веќе ги имаме – вели Арсовски за Слободен печат.

Јавноста веќе знае дека сепак кампањите ќе зависат од епидемилошката состојба во државата, но за тоа доправа треба да одлучуваат експертите, особено оние во Комисијата за заразни болести.

И додека чекаме политичарите и здравствените лица да кажат кога и дали ќе можат да се одржат избори во време на коронавирус, се наметнува прашањето дали елетронското гласање или гласање по пат на пошта, може да биде спроведено ако во изборниот период вирусот повторно биде голема закана. Во јавноста веќе неформално се дебатира дали гласањето може да се спроведе во неколку денови за да се осигура растојанието од два метра меѓу гласачите или, пак, може да се организира електронско гласање. Можноста за електронско гласање ја отвори и Јанко Бачев од Единствена Македонија, кој генерално посочува дека избори во услови на коронавирус, како што бара СДСМ, немало да бидат фер, чесни, легитимни и регуларни, бидејќи кај граѓаните се уште ќе владее страв од заразата.

-Доколку луѓето треба да одат на гласање со маски, раквици, во редици и т.н социјална дистанца, јасно е дека во такви услови излезеноста ќе биде многу мала – вели Бачев.

Тој предлага електронско гласање од дома иако и самиот посочува дека нашиот Изборен законик не предвидува цензус за парламентарните избори.

Ова лето избори ќе има и во Србија и во Хрватска. И таму се водат дебати на темата „електронско гласање“. Тамошните експерти посочуваат дека начелно може да се спроведат избори преку електронско гласање и гласање преку пошта, но ја отвораат дилемата дали баш сега е време за тоа, во услови на потполна неизвесност од коронавирусот. Ставот на поголемиот дел од тамошните експерти за електронското гласање, но и за гласање преку пошта е негативен. Тие предупредуваат дека без цврста гаранција дека ќе нема информатички ризик од можна манипулација при спроведувањето на електронско гласање, тоа не треба да се воведува. За гласањето преку пошта сметаат дека исто така постои ризик од манипулација. Како пример за тоа го посочуваат утврдувањето на идентитетот на гласачот.

Кај нас, според Арсовски, може да се размисли за електронско гласање во услови на коронавирусот, но посочува и на одредени ризици.

-Во Македонија електронското гласање може да се воведе од две причини. Прво што технологијата не е толку скапа и е достапна и второ бидеќи Македонија нема доволен број на избирачки места на кои можат да се обезбедат услови за безбедно гласање. Ќе биде поголем проблем довербата на граѓаните и политичките партии во изборниот процес. Македонија е добро поднебје за електронско гласање бидејќи може да се намали можноста за манипулација – вели Арсовски.

Електронско гласање има во Швајцарија, а од земјите членки на Европската Унија има само во Естонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот