Избори: Бугарските партии не играа на карта Македонија

Бугарија избори EPA-EFE/VASSIL DONEV

Ако не се формира политичка влада, ќе продолжат радикалните пораки, но дури и техничка влада именувана од Радев не би отстапила од договореното Бугарија да не ги блокира нашите преговори со ЕУ, доколку се уставните измени кај нас, вели универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Со имиџ на земја со многу проблеми, најсиромашна во Европската Унија, со неефикасна економија и со широко распространета корупција што се претвори во општествена норма, Бугарија в недела излегува на нови предвремени парламентарни избори, петти по ред за две години, во обид да се стабилизира и политички и економски.

Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека е речиси невозможно една партија или изборна коалиција да ја освои власта, па сигурно е дека ќе се оди на постизборни коалиции доколку навистина се сака да се стигне до стабилна политичка влада. И последната анкета на агенцијата „Алфа рисрч“ не покажува јасен победник на претстојните избори. Истражувањето е спроведено во периодот од 25 до 29 март, а поразувачки е податокот дека високи 48 отсто од граѓаните рекле дека в недела сигурно нема да гласаат, наспроти 39 кои ќе гласаат.

Новинарката Маринела Величкова, дописничка на агенцијата БТА од Скопје, за „Слободен печат“ вели дека формирањето влада во Бугарија по неделните избори во огромна мерка ќе зависи токму од излезноста на гласање и од тоа колку партии ќе влезат во новото Собрание. Последните анкети покажуваат дека во Собранието сигурно ќе влезат пет политички сили: коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, ГЕРБ, Преродба, ДПС и БСП. Блиску до прагот од 4 проценти за влез во Собранието се Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев, новоформираната партија Левицата во која има поранешни членови на БСП, разочарани од политиката на актуелната претседателка Корнелија Нинова и Има таков народ на Слави Трифонов.

Според Величкова, помалата излезност овозможува во Собранието да влезат повеќе партии, а од тоа во голема мерка зависи и „парламентарната математика“ за составување влада. Но, податокот за излезност од 39 отсто, речиси исто колку и на изборите во октомври лани, значи и непредвидливост на резултатите. Анкетата на „Алфа рисрч“ покажува многу блиски резултати меѓу ГЕРБ-СДС (25,9 %) и коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (25,4%). Најголем раст е забележан кај партијата Преродба на Костадин Костадинов кој со проектирани 13,6% од гласовите може да стане трета политичка сила во државата, а ставовите на партијата, како што појаснува Величкова, сериозно се спротивни со оние на останатите партии. Тоа значи дека Преродба е против НАТО, против влезот во Еврозоната, а во рамките на таа кампања велат дека собрале над 500.000 потписи за барање референдум за овие прашања, за укинување на санкциите кон Русија и за предоговарање на членството на земјата во ЕУ.

– Според тоа, формирањето влада и по овие избори ќе биде тешко и голема е веројатноста дека ќе биде потреба поддршка од три политички сили за да биде формирана. Но, дури и да биде формирана, од исклучително значење е и нејзината стабилност, имајќи го предвид искуството со владата на Кирил Петков, која имаше живот од само осум месеци – ни изјави Величкова.

Дали е можна досега невидена коалиција

Универзитетскиот професор Васко Наумовски, пак, коментира дека според истражувањето на јавното мислење не се забележува некоја драстична промена во однос на расположението кај бугарските гласачи, а единствената разлика на овие избори е коалицирањето на двете таканаречени проевропски партии што претходно настапуваа одделно. Нивната коалиција најверојатно ќе придонесе тие да имаат најмногу гласови и да го освојат првото место пред ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов која минатиот пат освои најмногу гласови.

– Сепак, формирањето влада ќе биде тешка задача особено ако се има предвид анимозитетот помеѓу партиите кој постои таму и бројот на пратеници што ќе го освојат. Најверојатно ќе отпаднат оние партии што ги имаа најрадикалните позиции за прашањето за Македонија, а една од нив и воопшто не учествува на изборите, партијата на поранешниот министер за одбрана Каракачанов и европратеникот Џамбаски – вели Наумовски во изјава за „Слободен печат“.

Во ваква ситуација, според него, сосема е можно Бугарија да продолжи во оваа состојба на техничка влада што е во полза на претседателот Радев, имајќи ги предвид овластувањата што ги дава бугарскиот устав. Тоа значи дека Радев ќе биде главниот политички чинител со евентуалното именување на новата привремена влада. И доколку таа позиција продолжи многу е веројатно кон крајот на оваа или во почетокот на наредната година повторно да има предвремени избори.

– Единственото сценарио кое би овозможило формирање стабилна политичка влада е составување некоја коалиција која не сме ја виделе досега, односно помеѓу таканаречените партии на промената и ГЕРБ, на пример, која би била на некој начин коалиција формирана на европската и на евроатлантската ориентација на државата, особено во контекст на различните влијание во бугарската држава и општество што доаѓаат во последните месеци од различни центри на моќ. Една таква коалиција веројатно би овозможила стабилно парламентарно мнозинство и, според мене, веројатно ќе има еден поконструктивен став и кон нашите билатерални прашања, отколку влада која би била со партиите на левицата или пак оние партии што го поддржуваат Радев – објаснува Наумовски.

На прашањето колку навистина е можна ваква коалиција, тој вели дека е можна доколку се надминат личните суети на бугарските политичари. Ако лидерите на таканаречените партии на промената, по примерот на Борисов, се откажат од амбициите да составуваат влада, можно е да се формира коалиција, бидејќи тоа е единствениот пат да се прекине оваа ситуација на техничка и да се создаде политичка влада што би имала целосен мандат од четири години.

Македонија ја нема во кампањата

Во кампањата за овие предвремени парламентарни избори факт е дека Бугарија се занимаваше сама со себе, а Македонија не беше дел од партиските програми и препукувања, делумно и поради тоа што во земјата има национален консензус за прашањата и за односите со нашата земја. Новинарката Величкова вели дека „наспроти тврдењата, Северна Македонија не беше присутна како тема на предизборната кампања во Бугарија, во чии рамки главниот акцент беше ставен на економската состојба на државата, енергетиката, како и на бугарската позиција во однос на војната во Украина“.

Професорот Наумовски има малку поинакво објаснување за отсуството на Македонија од бугарската предизборна кампања. Според него, после, како што ги нарекува, интензивните случувања околу одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев настапи период на стабилизација што поддржан од страна на стратешките партнери и на Македонија и на Бугарија кои ги охрабрија владите, но и некои други општествени фактори да се посветат на други приоритети, а не на историските прашања.

– Гледаме дека тие охрабрувања кои за жал дојдоа од надвор, а не од внатре дадоа резултати и тоа е нешто позитивно. Имајќи го предвид искуството од изминатите години, тоа би требало да биде една нормална ситуација, но ние во односите со Бугарија бевме далеку од една нормална ситуација – вели Наумовски.

Но, за тоа што ќе значи за нас ако во Бугарија не се формира политичка влада, неговата проценка е дека ќе продолжат сите овие порадикални ставови, имајќи предвид дека техничките влади се именувани од претседателот Радев, кој има еден порадикален став во однос на нашето прашање. Сепак, дури и техничка влада именувана од Радев не би отстапила од она што е договорено, односно доколку се завршат уставните измени кај нас, Бугарија нема да има можност да го блокира понатамошниот тек на македонските преговори со ЕУ.

Според пропорционалниот систем на затворени листи на изборите ќе бидат избрани 240 пратеници во Народното собрание на Бугарија. Вкупниот број избирачки единици е 31, од кои во зависност од големината на избирачката единица се избираат од четири до 16 претставници/заменици, а изборниот праг е четири проценти.

Еден глас достигна цена од 75 евра

Бугарското Министерство за внатрешни работи очекува на овие избори да се зголемат обидите за купување гласови, иако сега еден глас достигна цена од 75 евра, три пати повеќе отколку на изборите во 2021 година, информираше министерот Иван Демерџиев пред неколку дена.

Освен купувањето гласови кое со децении се забележува кај најсиромашните делови од населението, проблематично е и таканареченото „корпоративно“ гласање во сиромашните региони во кои има еден голем работодавач кој може д авлијае врз вработените. Демерџиев призна дека има податоци за зголемување на случаите во кои работниците се под притисок од компаниите да гласаат за одредени политичари.

Во меѓувреме, фондацијата Антикорупциски фонд објави дека над 30 отсто од Бугарите гласаат на избираЕден глас достигна цена од 75 еврачки места на кои има ризик од контролирано гласање, а полицијата веќе отворила 48 кривични истраги за купување гласови. Зголемувањето на обидите за купување гласови се должи на враќањето на гласање на ливчиња кое беше укинато лани, па вратено од претходниот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот