Ивона Јо се отвори за сопругот: Знаев дека е за мене
Пејачката Ивона Јо искрено прозборе за големата промена во нејзиниот живот, откако го сретнала сегашниот сопруг, Кристијан Тодоров.
Препорачано
„Порано не сум верувала кога ќе слушнам, кога ќе кажеле луѓето ‘од самиот старт знаев дека тоа е тоа за мене уште кога ќе се појави во животот’, сум рекла како тоа се знае? Инаку прв пат вака гласно со зборови во живо го кажувам, имав пишани текстови“, рече пејачката во најавата за поткастот „Равенка за успех“.
Ивона Јо додаде дека има периоди кога воопшто не сака да ја има во медиумите, а гостува во интервјуа само кога има нешто важно да каже и тоа е уште една промена кај неа.
Ивона Јовановиќ позната како Ивона Јо (29), во февруари се омажи за својот избраник Кристијан Тодоров (25), само еден месец по романтичното запросување што се случи на почетокот на јануари.
„Веќе не се двајца, туку едно. Тоа што Бог го споил заедно, никој човек да не го раздели“, стои во описот на видеото кое пејачката го објави на својот инстаграм-профил.
Ивона и Кристијан ја објавија својата прва фотографија на социјалните мрежи на почетокот од јануари годинава, а неколку дена подоцна пејачката откри дека нејзиниот партнер ја запросил.
„По Неговата милост, го започнуваме ова поглавје. Моето најлесно ‘да’“, напиша тогаш пејачката, изненадувајќи ги своите следбеници со оваа убава вест.
2025 година беше тешка за Ивона, откако во септември ненадејно почина татко ѝ.
„Сите лекции и предизвици се со причина во мојот живот. Оваа година е пресвртна година за мене и ништо не сакам да оставам во неа. Сè научено ќе го земам со себе. Драго ми е. Од Бога за мене е“, рече пејачката во интервју за „Слободен печат“ при крајот на 2025.


