Иванов и Чомовски за Димитров: Џентлмен се раѓа, не се создава – наместо да се самопромовира, се закопа засекогаш

Зоран Иванов и Александар Чомовски гости во емисијата на ТВ 24/Фото: Скриншот

Новинарите Александар Чомовски, Зоран Иванов и Џелал Незири вечерва на ТВ 24 меѓудругото дебатираа и денешниот настап на вицепремиерот за економски прашања Никола Димитров кој нема да биде дел од новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски па денеска ја нападна политиката на владата и на колегата од МНР Бујар Османи.

Новинарот Александар Чомовски во емисијата 24 анализа истакна дека со презентираната реторика,  Димитров наместо да се самопромовира за идна позиција, тој се закопал засекогаш.

– Настапот на Димитров е егоцентричен што е составен дел на неговиот карактер на самобендисан политичар. Неговиот настап денеска во обид да го засече кандидатот и владата има далекусежни реперкусии. Димитров се доближува со ставовите до старото јадро на ВМРО-ДПМНЕ – рече Чомовски.

Тој додаде дека со нападот на Османи Димитров извршил напад на основните постулати на македонскиот мултиетнички пристап.

-Шефот на дипломатијата не води надворешни политики со лични свои погледи. Има начини кога се усогласува. Ако тој е голем патриот и македонист, на кого му одговара овој момент на затегнување на односите со Бугарија со таква реторика, кога ни претстои средбата Ковачевски-Петков. Тој сака да влезе во ритамот на кој не го сака Договорот за добрососедство. Србија и Русија не го сакаат. После ваков настап би се сомневал што тој мисли, иако сите велат дека тој е американски ученик и експозитура на американската дипломатија, оцени новинарот Чомовски во емисијата „24 анализа“.

Новинарот Зоран Иванов смета дека денешниот настап на вицепремиерот Никола Димитров е карактерна бомба.

-Не може да се глуми џентлмен цел живот. Може година, две, 20, но кога ќе ве погоди нешто како суета, тогаш паѓа и тој атрибут на џентлменство. Џентлмен се раѓа, не се создава. Денеска мислам дека Димитров го спушти нивото каде што никој не очекуваше. Требаше да излезе на прес и да каже „граѓани јас земјава ја внесов во НАТО“, но наместо тоа отиде во друга реторика. Ова ќе му пречи во иднина. Тој не доби поддршка од никого и не верувам дека ќе може да формира своја партија, вели Иванов во гостувањето на емисијата „24 анализа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот