Италијанска пензионерка сака да пешачи 22.000 километри, од Венеција до Пекинг

Виена Камарота од Италија, во своето осмо десетлетие тргна пеш на пат долг 22.000 километри – од Венеција до Пекинг, со желба и цел да покаже дека и жените на нејзина возраст може да си ги остварат своите соништа ако сакаат…

73-годишната жена носи порака за мир. Таа го оди патот на Марко Поло низ 15 земји, па со ранец од 30 килограми минува 20 – 30 километри дневно, како што вели – исто како и римските воини со полна опрема. Многумина сметаат дека нејзиниот потфат е неверојатен, а и семејството – децата и внуците од дома ѝ даваат целосна поддршка. Како активна планинарка, таа е член и на Службата за спасување на планина и шампион во кајак.

– Живеам на југот на Италија, во еден прекрасен национален парк. Иако ние на југот не сме толку богати како на северот, ние сме и добри домаќини, сакаме да се дружиме и да запознаваме различни луѓе, вели Камарота.

Меѓу другото, таа минува и низ Србија. Јужно од Белград, истакнува, се чувствува како дома и секаде наидува на гостопримство.

– Мојата најважна порака е онаа до сите жени, особено до тие на моја возраст, дека ако навистина одлучат нешто, може да ги остварат сите свои соништа и желби!, вели виталната авантуристка.

Таа не случајно го избрала својот пат.

– Мислам дека Италијанците малку го заборавија Марко Поло. Затоа решив, земајќи ја предвид целата светска ситуација, да тргнам по неговиот пат, за тоа да ги потсети не само Италијанците, туку и остатокот од светот за важноста на меѓународната соработка. Можеме многу да научиме од историјата ако внимаваме на настаните од минатото. Културата е најбитна во односите меѓу луѓето и важно е на кого искрено пријателска рака му пружате, без разлика на пол, раса, возраст… Сите сме луѓе!, нагласи таа.

Таа во Ниш го посети споменикот на римскиот император Константин Велики. Оттаму продолжува кон Бела Паланка, Пирот, Димитровград и натаму во Бугарија, па кон Далечниот Исток.

Видео на денот