Италија започна правна битка со Словенија поради балсамико оцетот

Балсамико оцет/ Фото Costfoto / ddp USA / Profimedia

Италијанската влада покренува прекршочна постапка против Словенија во обид да ја одбрани автентичноста на нејзиниот познат, географски заштитен балсамико оцет, пишува „Гардијан“.

Односите меѓу двете земји се заладија минатата година кога Словенија ја извести Европската комисија за нејзините планови да го „стандаризира“ своето производство на оцет, во суштина барајќи да го продава секој вински оцет измешан со концентриран овошен сок или шира како „балсамичен оцет“.

Терминот „aceto balsamico di Modena“ (балсамичен оцет од Модена) постои од 2009 година и може да го користат само производителите во Модена и регионот Емилија-Ромања.

Италија смета дека потегот на Словенија е закана за традицијата на нејзината извонредност со балсамичниот оцет од Модена и за пазарот вреден околу 1 милијарда евра.

Битката за балсамичниот оцет стана приоритет на владата предводена од премиерот во оставка Марио Драги, која му даде зелено светло на државниот правобранител да започне постапка. Првиот чекор бара консултација со комисијата пред, доколку е потребно, да го поднесе случајот до судот на правдата на Европската унија (СПЕУ).

„По неколку месеци чекање и грижи, конечно гледаме зрак светлина“, рече Маријанџела Гросоли, претседател на конзорциумот за заштита на балсамичниот оцет од Модена.

Италијанскиот министер за земјоделство, Стефано Патуанели, минатата година рече дека заштитата на италијанското вино и храна е приоритет и дека владата ќе стори сé за да ги заштити производите на земјата од „незаконски напади“.

Сепак, останува да се види колку ќе биде успешен потегот против Словенија. Во 2019 година, италијанските производители на балсамико оцет изгубија правна битка за да спречат германска компанија да ги користи имињата aceto или aceto balsamico за да ги пласира своите производи од оцет. Германскиот бизнис ги означуваше своите производи со термините balsamico и Deutscher balsamico (германски balsamico).

Но, СПЕУ пресуди дека заштитениот термин aceto balsamico di Modena „не се однесува на употребата на негеографски поединечни термини“. Судот утврди дека името aceto е вообичаено и дека балсамико е придавка што вообичаено се користи како референца за оцет со горчливо-сладок вкус. Затоа, иако трговската марка aceto balsamico di Modena може да се користи само од производители во одредена географска област, немаше такви ограничувања само за aceto balsamico.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот